Вељаноски: Претседателските избори ги закажав на 13 април
Собранискиот спикер Трајко Вељановски денеска ги распиша претседателоските избори.
- Согласно уставната обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, денес го потпишав Решението за распишување на избор за претседател на Република Македонија. Изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи во предвид дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година, вели Вељановски.
Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, како и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.
- Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам истите да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат, додаде собранискиот спикер.
Вељановски апелира до сите учесници најодговорно и најсовесно да се раководат исклучиво по уставните и законските одредби, и уште еднаш на најдостоинствен начин да покажеме дека наша заедничка примарна цел е просперитетот на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа