ВМРО-ДПМНЕ ќе го избира својот кандидат за претседател на 1. март

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница донесе одлука за свикување на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Конвенцијата ќе се одржи на ден 01.03.2014 година, информираше денеска Илија Димовски .

-Во согласност со статутарните документи Конвенцијата е тело на партијата кое на непосреден, директен и таен избор ќе одлучи кој ќе биде кандидат за Претседател на Република Македонија. Овој начин на избор на кандидатот за Претседател на Република Македонија е високо демокртаски, транспарентен и отворен процес. Ова е висок стандард во политиката за кој се надеваме дека ќе биде применлив и од страна на останатите политички партии, рече Димовски на денешната прес-конференција.

Свикувањето на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија, рече Димовски, е редовна пракса која ВМРО-ДПМНЕ ја применува од своето формирање. На сите досегашни претседателски избори, додаде тој, ВМРО-ДПМНЕ избирала свој кандидат токму на овој начин, низ демократска процедура, каде делегатите одлучуваат врз база на своето убедување, а врз основа на вредностите, принципите и програмите на предложените кандидати.

Како претходна процедура, ВМРО-ДПМНЕ ќе објави јавен повик за пројавување на интерес, односно приложување на кандидатура до Конвенцијата за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Право да приложат своја кандидатура имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на Република Македонија, кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ или се поддржувачи на политиките на партијата и се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и националните прашања, рече денеска Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и Директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ .

 

 

04.02.2014 - 13:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега