ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски е фатен во тежок корупциски скандал

Дамјан Манчевски призна дека фирмата во која тој бил сопственик работи по тендер во Општина Куманово. Неговото самопретставување за жртва е арогантно и неприфатливо. Фирмата на Манчевски работи по тендер, а тој се обидува да и каже на јавноста дека е жртва. Потенцирам, тој не бил вработен во некоја фирма, туку бил сопственик на фирма која работи по тендер во вредност од 22.892.000 денари. Ако заради ова треба јавноста да го сожалува, замислете колкав бизнис треба да добие за тој да чуствува одговорност.

          Тој вели дека се повлекол, но не е така. Дамјан Манчевски до ден денес е лице за контакт според официјалните документи на фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје.

          Оправдувањата кои за себе ги кажува Манчевски дека тој е нов и не бил политички експониран се целосна невистина. Впрочем Дамјан Манчевски е познат на политичката сцена многу оддамна. Да потсетиме дека токму тој беше шеф на кабинет на Радмила Шекеринска во време кога таа беше Претседател на СДСМ. Дамјан Манчевски уште пред добивањето на овој бизнис бил професионално вработен во СДСМ како шеф на кабинетот на Шекеринска. Живеел од политика. Дополнително, тој во минатото беше и потпретседател на подмладокот на СДСМ.

          Зоран Дамјановски – Циц вели дека ништо не знаел и не бил информиран. Но оваа слика од потпишувањето на договорот по овој тендер говори спротивно. Градоначалникот на Куманово бил присутен на потпишувањето на договорот по овој тендер и не може да не знаел ништо.

          Настапот на градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски – Циц со кој тој се прави како паднат од вселената говори за две работи. Прво, дека е свесен за проблематичноста и коруптивноста на оваа јавна набавка и дека го остава потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски сам да се вади од овие проблеми. И второ, дека сака да ја избегне својата одговорност од овој коруптивен скандал, но не може и не смее, бидејќи токму градоначалникот на Куманово е тој кој го назначува директорот на јавното општинско претпријатие Куманово – паркинг.

Почитувани, документите се многу јасни и недвосмислени.

На 28.01.2011 година белградската Метропаркинг ДОО склучува договор со општинското јавно претпријатие Куманово – паркинг по добиен тендер.

На истиот ден, на 28.01.2011 година белградската фирма испраќа допис до Куманово – паркинг со кој ги информира дека за комуникација, техничко поврзување, финансиско работење (уплати и исплати), како и сите други активности ја овластува фирмата од Македонија: Метропаркингплус ДОО Скопје.

Со овој допис станува јасно се. Фирмата од Белград е само параван и начин како да се затскрие скопската фирма во која сопственик е потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски. Впрочем, ако се е чисто и ако нема ништо спорно, зошто воопшто требало да се појавува параван фирма од Белград која на денот кога го потпишува договорот ги преотстапува сите права и обврски на скопската фирма во која сопственик е Дамјан Манчевски. 

Вредноста на тендерот, според документите е 22.892.000 денари или близу 400.000 евра. Дополнително, според нашите информации фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје наплатува за себе значаен процент од приходите од општинското јавно претпријатие Куманово – паркинг по основ на испратени СМС пораки за паркирање, по основ на цена за паркинг, по основ на претплатни карти и по основ на платени сметки за поствување на блокатори на тркала заради погрешно паркирање. Колкава е целата сума која Метропаркингплус ДОО Скопје, фирма во која сопственик бил Дамјан Манчевски, поптрпетседателот на СДСМ, ја знаат само тој и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски – Циц.

 

          Дамјан Манчевски, потпретседателот на СДСМ и Зоран Дамјановски – Циц, градоначалник на Куманово, мора да ја прифатат одговорноста за овој тежок корупциски скандал. Да излезат пред јавноста и да не се прават ниту жртви, ниту паднати од вселената. Јавноста бара одговори и одговорност.

(Интегрален текст од прес конференција на Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ)

11.02.2014 - 13:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега