АЕК: Опомени и казни за неквалитетни мрежи на мобилните оператори

Предупредувачки писма, според Орданоски,  ќе добијат сите оператори што не ги исполнуваат  минималните  критериуми за квалитет, a доколку нема резултати  ќе следат и казни.

Агенцијата за електронски комуникации в понеделник ќе ги испорача првите предупредувачи писма до мобилните опартори за квалитет на мрежите, најави денеска директорот на АЕК Роберт Орданоски.

Предупредувачки писма, според Орданоски,  ќе добијат сите оператори што не ги исполнуваат  минималните  критериуми за квалитет, a доколку нема резултати  ќе следат и казни.  Пет главни параметри врз основа на кои се утврдува квалитетот, согласно Правилникот на АЕК, се  достапност на мрежа од најмалку 99,5 проценти, број на пропаднати повици помалку од 2 проценти, број на успешно  воспоставени повици од 99,9 проценти, брзина на проток од над 1 мегабит во секунда во 3 Г мрежата.

Првите резултати од мерењата на квалитетот на сигналите на мобилните оператори, по набавката на опремата за таа намена, АЕК ги презентира на јавен состанок, по повод Светскиот ден на телекомуникацвиите - 17 мај. Преку веб-сајтот на АЕК   komuniciraj.mk  ќе може да се добијат  информации за  секој од операторите.

 -  Нашите мерни тимови се постојано на терен, ги мерат покривањата во градовите и на главните и регионалните патни правци.  Сите тие мерења ќе бидат презентирани на нашиот веб-сајт. Секој корисник  ќе може и во фаза на склучување договор да се информира каква мрежа му нуди опраторот, но од друга страна и АЕК, согласно  својот правилник за квалитет на сервис ќе ги санкционира сите оператори кои имаат квалитет понизок од предвидениот со правилникот, рече Орданоски.

Во новиот закон за електронски комуникации што се подготвува, најави, ќе се воведат и мандатни казни затоа што досегашните не ја исполнија целта. Ќе воведеме мандатни  казни зависно од прекршокот што го направил операторот, за помали прекршоци помали казни, а за поголеми со повисок износ, рече Орданоски.

Врз основа на приговори од корисниците во тек се постапки за над 30 прекршочни пријави  од АЕК кон операторите за казни од 7 до 10 проценти од годишниот приход. - Тоа е сериозен предизвик за судството да ги реши тие процеси. Ако судот процени дека сме во право тие казни ќе ги наплатиме, посочи Орданоски.

Според него, иницијативата на АЕК за намалување на цените за роаминг би требало да профункционира првин на регионално ниво.  Регулаторите од Македонија, Србија и Црна Гора, информира Орданоски, разговараат трилатерално да ги исклучат роаминг  цените во трите држави и ќе треба да се потпише трилатерален договор. Во јули во Скопје, како што најави, ќе се одржи состанок на претставници на министерствата за телекомуникации и на регулаторните тела од Србија, Црна Гора и од Македонија и од надлежното тело за телекомуникации во Европската комисија.

Орданоски оцени и дека развојот на електронските комуникации во наредниот период во Македонија ќе треба да биде насочен кон инвестиции во мрежите за да се постигне повисок приход од дата базирани сервиси. - Во Македонија  во годишниот извештај на операторите 96 проценти од приходите се добиени од говор, а само четири проценти од дата сервиси. Во светски рамки тие приходи се над 30 до 40 проценти. Глобалниот тренд е за 2014 година приходите на глобалните опратори од тие сервиси  да биде поголем од приходот од класичниот говор. Тие сервиси бараат се поголем проток и капацитет и нашите опартори ќе мора да се прилагодат да инвестираат воп своите мрежи, изјави директорот на АЕК.

најчитано сега