ПОДЕМ го повикува Венизелос на дијалог за спорот со името

 

Во пресрет на посетата на шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос на Македонија ПОДЕМ повикува на отпочнување на конструктивен дијалог за името.

- Иако,  Венизелос јасно порача дека доаѓа како претседател на Советот на ЕУ, а не како вицепремиер и министер за надворешни работи на Грција, очекуваме дека токму од таа, ЕВРОПСКА позиција, ќе делува во духот на обединета Европа и ќе даде придонес за реашавање на спорот кој непотребно ја остава Македонија надвор од ЕУ и НАТО. Република Македонија преку вредно работење на остварувањето на европските стандарди припаѓа на Европа и ги почитува европските вредности на демократија, слобода, еднаквост, правда, солидарност и   почитување на човековите права, според тие критериуми бараме дијалог и решавање на спорот за името. Ние од Венизелос, ниту од било кој друг претставник на грчката политика не очекуваме да ги распродава своите национални интереси, но нека не очекуваат и тие, ние тоа да го правиме со нашите. Нашите очекувања се во контекст на почитување на меѓународното право и правото на секоја земја и народ на самоопределување и зачувување на својот идентитет, велат од ПОДЕМ.

ПОДЕМ додаваат и дека ако барањето на Венизелос до српскиот претседател Томислав Николиќ за решавање на спорот за името е мотивирано од искрени намери да се реши спорот во духот на европските вредности тогаш го поздравуваат, зашто и ние веруваме дека само обединет регион е силен регион.

- Сега Венизелос не ја претставува само Грција, сега ја претставува Европа. Ние ја почитуваме таа негова функција и апелираме да говори и делува во духот на истата, во духот на Европа. Тоа е во интерес и на Македонија, но и на Грција зашто и двете држави се дел од истиот регион чија стабилност и благосостојба долгорочно зависи од обединетоста во ЕУ. Сепак, повикот за конструктивност го упатуваме и до македонските фактори, политички и неполитички. Спорот за името не е прашање кое се решава со провокации, туку со дијалог. Тоа треба да биде критериум за двете страни, додаваат од ПОДЕМ.

                                                                                                                                                

19.02.2014 - 14:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа