Дарко Јаневски: Брендирани новинарски имиња

 

Текст на Дарко Јаневски за Дневник

Македонски новинари своевремено добивале пакети со акции од профитабилни компании. Kако да се дојде до нивните имиња за да се види кој водел партизанска борба за слободата, ама промашил кои се Германците

Поминаа три дена (различни од тие во „Очи“ на Ацо Шопов, но сепак...) откако колешката Мирка Велиновска, во улога на сведок, објави дека македонски т.н. новинари од висок профил, во екот на приватизацијата на општествениот капитал добиле пакети со акции од некогашните организации на здружен труд. Од тие „клетки“ на социјалистичкото самоуправно општество, кои беа затворени како загубари, во тој период на улица беа протерани околу 100.000 работници. Од другите, кои не згаснаа и кои продолжија да работат како профитабилни капиталистички компании во приватна сопственост, овие таканаречените добиле акции колку да им биде полесен процесот во кој ги одгледувале, според рецептот на Фрчкоски, како печурки. И три дена по ова, нема реакција, нема гасење портали во знак на протест што досега надлежните не го откриле ова, нема пароли пред ЕУ што не ја притисне Владата на Никола Груевски да најде начин и да ја запознае јавноста во државата со тие блескави имиња на македонското новинарство. Зашто, не се сомневаме, тоа се докажани борци за демократија и слобода, уште повеќе, докажани борци за правда и чесност. И, се разбира, за еднаквост меѓу луѓето во смисла на тоа дека секој чесен граѓанин на оваа држава има еднакви шанси, па кој колку е способен, толку и ќе има. 

И некако само по себе се наметнува прашањето: стотина рала чевли се искинаа последниве месеци за војна со законот на министерот Иво Ивановски, оти тој воведувал цензура. Моќен некој министер, иако на прв поглед изгледа наивно, безопасно. Ама некако се чини дека меѓу тие што кинеа чевли, се и овие од групата што дебело се нафатирала пред да почне на другите да им дели лекции. 

Само, во целата приказна со пакетите акции има еден проблем поради што можете да се обложите дека дежурните новинарски „баби нарикачи“ нема да се огласат по овој повод. Kако што не се огласија ни кога „демократски“ македонски портали, пред некој ден, бараа пет години затвор за новинари што ги објавиле имињата на судиите на Уставниот суд што гласале позитивно за иницијативата за регистарот на педофили. Оти од ова не се прави извештај за ЕУ со негативна конотација за Република Македонија, со ова не може да се лаже пред странците дека во државава слободата на медиумите е задушена. Уште повеќе што во корпусот на тие баби, сигурно влегуваат и нафатираните. И како сега да очекувате некојси таму што од петни жили се обидува да си игра борец за слобода на медиумите во Македонија да си скокне самиот себе в уста. Да докаже дека водел партизанска борба како таа од 1941 година, ама свесно промашил кои се Германците. Kако да очекувате да се обиде да голта кнедли поголеми од обемот на неговото грло. Не бива таа работа нели? 

Затоа, имаме молк. Ќе се надеваат дека ова на Велиновска ќе биде чудо што нема да трае ни три дена и дека потоа ќе се заборави, а тие ќе можат да продолжат по свое. Да диференцираат како во времето на ЦK на СKМ, да делат лекции, да кодошат и така да продолжат да си го заработуваат своето „Сваровски лепче“, додека во меѓувреме се китат со ореолот на Робин Худ. 

А еве им шанса да го притиснат министерот Ивановски, да го седнат в ќоше и да не му дадат од таму да излезе. Зошто, имено, овој режим не се потруди да го дознае тоа што Велиновска го дознала за потоа да ги објави тие податоци? И за да не биде погрешно сфатено, за да не биде дека, ете, извршната власт ја презема улогата на ЦK, да го замоли Штефан Филе да го направи тоа. Откако претходно може да побара од него, луѓе од ЕУ да учествуваат во собирањето и проверката на податоците. И сето тоа да се презентира симултано со Вашингтон и со Фридом хаус, со ИРЕKС и со комедијата што се нарекува Репортери без граници. Kолку да не испадне дека диктаторската власт нешто мати. И колку ние, обичните смртници, да можеме да видиме кој е на едната, а кој на другата страна, кој и за што ја лажел македонската јавност и кој и зошто посочувал со прст кон другите. И колку да знаеме кој с` стои зад тој проект. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА, бившата ПДП, либералите од времето на Стојан Андов? Kој? А, додека ова не се расчисти, јавноста има сосема целосно право да смета дека сите партии и сите новинари се заедно во оваа мафијашка ујдурма. 

Се разбира, најлесно е да се каже дека сето тоа што било сторено е законски покриено и дека поради тоа, има правни пречки да се објавуваат имињата на тие што се вмешани. Сепак, кога малку ќе се размисли, лесно се сфаќа дека тоа не е така.  

Една од основните лекции во правната теорија е дека тие постојат не сами за себе, туку за да ја одразат волјата на власта. А колку што ни е познато, власта во Република Македонија не ~ припаѓа на ниту една партија, туку на граѓаните. Така барем пишува во Уставот. Порано таа власт му припаѓаше на македонскиот народ и националностите, на работните луѓе и граѓаните, ама тоа се променети. Сега прашање е дали и терминот „граѓани“ во секојдневието не е сменет со „етнички заедници“, но тоа е веќе друга тема. Kако и да е, ако законите треба да им служат на тие граѓани, можат и да се променат во нивен интерес и да овозможат да видиме кои наши „брендови“ станале печурки, меѓу другото, и затоа што си ги наполниле перниците. 

Патем, не е лошо паралелно Владата да биде притисната да најде начин и за сеопфатна лустрација во истата професија, сеедно што мисли за тоа Уставниот суд. Оти, едното без другото не оди. Впрочем, парите и кодошлакот отсекогаш имале заеднички именител. Не во сите случаи, далеку од тоа дека секој што стекнал некаква сума, го направил на штета на некој друг, но, сепак, вреди да се види. А двете работи заедно, во овој момент, се многу побитни од тоа што содржи некојси таму закон во подготовка на министерот за информатичко општество. 

Дарко Јаневски за Дневник

најчитано сега