Македонските компании заинтересирани за соработка со фирми од Франција

Домашни бизнисмени денеска остварија средба со  амбасадорката на Франција  во Македонија Лоренс Оер, на која беше констатирано дека потребна е поголема промоција на македонското стопанство  во Франција, со цел наоѓање партнери за домашните компании и зголемување на извозот, со што ќе се намали постојаниот дефицит на македонска страна во размената.

Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, македонското  стопанство не е промовирано во Франција на начин за да  биде препознаено како таргетиран пазар  што би се поддржал од француска страна со конкретни активности.  За таа цел неопходна е и поголема маркетиншка и промотивна активност, рече Азески, истакнувајќи дека економската соработка и трговската размена помеѓу Македонија и Франција не е на нивото на можностите.

Француската амбасадорка Лоренс Оер најави дека Амбасадата ќе помогне во поврзување на компаниите и организирање средби. Смета дека има простор за соработка во повеќе области, првенствено креативни индустрии, но и земјоделство и сточарство.

- Постои  можност за соработка со текстилниот сектор, по  којшто е препознатлива Македонија. Само во Штип има  80 текстилни претпријатија и  увоз на полупроизводи и реекспортирање на дефинитивните текстилни производи. Тоа е сектор што постојано се развива во Македонија и за којшто би биле навистина  заинтересирани за соработка, но и да ја донесеме француската умешност затоа тука, рече Оер.

Франција, најави, ќе биде почесен  гостин на манифестацијата Недела на дизајн во Скопје, во тек на која ќе се организираат средби на француски и македонски дизајнери.

- Не постои мала или голема земја која не поседува  креативност, туку спротивно. Мала земја  поседува и креативниост и квалитет. Тука мислам на сите производи, и земјоделски, гастрономски, а исто така и на сите традиционални занаети. Тука во дрвната индустрија постои златен рудник, со огромно  познавање кое се бара особено во Франција, без оглед дали станува збор за производство на мебел или рачно производство во текстилната индустрија, рече Оер, истакнувајќи дека преку проекти  од креативните индустрии ќе и се овозможи на Македонија да се поврзе со европската креативна индустрија.

Оер додава и дека долго време сакале да донесат автомобилска компанија - Имаше голема дискусија  со потенцијален инвеститор години наназад. Продолжувам да мислам дека во тој сектор постои навистина голема можност, од сето она што значи нови технологии кои ќе спречуваат емитување штетни гасови, наведе таа.

Инаку, директните странски инвестиции  од Франција во Македонија во последните десет години изнесуваат 140 милиони евра.

24.03.2014 - 14:21
Фото: 
бизнисмк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега