Германска Влада: Македонија, Србија и БиХ се безбедни држави

Германската Влада денеска усвои закон со кој Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ги прогласува за безбедни земји.

Тоа значи дека барањата за азил на државјаните од трите земји во Германија, во принцип, ќе се сметаат за неосновани, а процедурата за враќање на азилантите во нивната татковина ќе се скрати, пренесе Танјуг.

Според податоците на германската Федералната влада, лани од 22.000 барања за азил поднесени од граѓани на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, одобрени биле само 60.

Статистичките податоци покажуваат дека над 90 проценти од барањата за азил од граѓаните на Македонија и Србија се поднесени од Роми.

Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, објавувајќи ја намерата на Владата да го прошири списокот на безбедни земји, изјави дека Србија почнала преговори за членство во Европската унија, а Македонијуа и Босна и Херцеговина се стремат кон истата цел и треба да се очекува овие земји добро да се однесуваат кон сопствените граѓани.

Законот ќе стапи во сила откако ќе биде одобрен од двата дома на германскиот Парламент.

МИА

30.04.2014 - 16:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега