Стефановски го подигна победничкиот пехар иако заврши како трет!

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски Иџе поради контроверзната одлука на жирито наместо трета победа во третата трка од Европското првенство на ридски патеки, натпреварот во Брага го заврши на третото место.

Организаторите на трката во Рампа да Фалпера, Брага, направија тотален хаос со известувањата и резултатите, а најголем губитник беше најдобиот македонски возач. Тој со своето Митсубисхи Ланцер Ево ИЏ ја осигура победата во групата Н со одлични возења во првите две трки (2:21,9 и 2:21,7 минути) што беше недостижно за другите двајца конкуренти во оваа група, Чехот Јиржи Лос (2:24,2 и 2:23,8 минути) и Шпанецот Серхи Пинела (2:25,0 и 2:28,0 минути).

Со оглед дека се сметаат двете најдобри постигнувања од три возења, Стефановски во третата трка реши да не ризикува и со послабо темпо, штедејќи ги гумите и возилото, патеката ја мина за време од 2:44,2 минути.

Но, по прогласувањето македонскиот тим ја дозна шокантната информација дека организаторот ја поништил првата трка и за важечки ги смета резултатите само втората и третата, според кои Иџе е пласиран на третото место во својата група.

- Главниот проблем настана што соопштението на жирито беше објавено на огласната табла само на португалски јазик, наместо двојазично, односно уште на англиски или француски како официјални јазици на ФИА. Во неделата немаше ни возачки брифинг за да ни се соопшти одлуката, ниту пак некој од организаторите зборуваше англиски. Не бев само јас, туку и во другите класи и групи настана хаос по прогласувањето и имаше оштетени возачи. Протестиравме и кај организаторот и кај делегатот на ФИА, но веќе беше доцна било што да се смени, вели Стефановски.

Откако го дознале официјалниот став, прво Лос, а потоа и Пинела, кои исто така не биле запознаени со одлуката на жирито, одбиле да ги примат наградите за прво и второ место и инсистирале Стефановски да го задржи пехарот и наградата за првото место.

- Пријатно бев изненаден од гестот на конкурентите, посебно од Лос кој инсистираше да го задржам пехарот за прво место и не сакаше да го подигне. И тој самиот реагираше дека ова не е фер затоа што ниту тој немаше поим дека првото возење е поништено, додаде Иџе.

Севкупен победник во Португалија, исто како и на претходните две трки, беше Италијанецот Симоне Фаџиоли со прототип Норма М20. Стефановски место 12,5 освои 7,5 бода, но и покрај тоа го задржа првото место во генералниот пласман со 57,5 пред Лос со 48,5 и Австриецот Кристијан Швајгер со 38 бодови.

Следната трка е претстојниот викенд во Шпанија.

12.05.2014 - 11:42
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега