Рот: Македонија не е ништо полоша од другите кандидати за членство во ЕУ

Ако се исклучи името - Македонија не е полоша од другите кандидати, оцени Михаел Рот, државен секретар во германското МНР задолжен за Европа, на дискусијата за ефектите од проширувањето на ЕУ, кој од новото европско раководство очекува и нов импулс за решавање на прашањето за името, пренесува Дојче Веле.

- Доколку се тргне на страна спорот со името, тогаш вие (Македонија н.з.) и не стоите дефинитивно полошо од останатите држави на Западниот Балкан, со кои веќе се започнати пристапните пореговори. И доколку од 1 јули, во втората половина од годинава, го стартуваме и можното пристапување со Албанија, тогаш го разбирам вашето незадоволство, коментираше Михаел Рот за време на дебата „Поглед наназад – поглед нанапред - Обдинувањето на Европа“ што се одржа завчера во Шварцкопф-Фондацијата во Берлин.

Тој вели дека надвор од регионот, проблемот со името се гледа како апсурден, а во периодот на претседателството на Грција со ЕУ немало пробив, зашто Атина имала можност на широко да ја објаснува својата позиција околу името.

- Во текот на наредното италијанско претседателство, ни требаат конкретни предлози околу името, дополни Рот.

На дебатата учествуваше и македонската амбасадорка во Германија Корнелија Утевска Глигоровска, која ја објасни генезата на спорот за името, но и очекувањата на Скопје по петте препораки на ЕК за старт на преговорите за членство.

- Европа треба да се придржува на ветеното, а кандидатите за членство нема да имаат политички „попусти“. Од 2005 година Македонија е земја кандидат, а од 2009 година Комисијата дава предлози за почеток на пристапните преговори. Сите предуслови се исполнети. Блокирањето од страна на Грција е единствената пречка за стартот на пристапните преговори. Се останато на што се упатени забелешките се работи, кои во текот на преговорите може да се променат, подобрат. И додека не се заклучат преговорите, додека целосно не се исполнат предусловите, секогаш процесот (до полноправното приклучување) би можел да биде пролонгиран или дополнет со нови задачи кои ќе мора да се исполнат“, истакна македонската амбасадорка Утевска-Глигоровска.

Појаснувањето од амбасадорката беше прифатено и од државниот секретар Рот.

- Да точно е. Исто е како тогаш кога Кипарците го блокираа отварањето на поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на правната држава, со што ја блокираа Турција. И тогаш важеше принципот на едногласност, вели Рот, според кого практично е невозможно да се постигне консензус за некое прашање за кое е засегнат на пример и „критичниот“ претседавач со Унијата.

Со смените во европските структури, тој очекува нов импулс за надминување на спорот.

- Се надевам дека со нови личности на врвот на Комисијата, со нови колеги во Европскиот парламент ќе има и нов импулс во решавањето и во преговорите околу името. Тука и двете страни мора да си ги решат домашните задачи. Навистина се надевам дека на Македонија ќе и појде од рака да го надмине напорниот спор со името. Но, за тоа е потребна подготвеност за компромис и за раздвижување од сите страни. Таму каде можеме да помогнеме – радо помагаме, изјави Михаел Рот.

Десет години по најголемото историско проширување на Унијата и 10 дена пред изјаснувањето за новите европски институции, Рот оценува дека целокупниот процес претставува „успешна приказна“. Анализирајќи го феноменот „замореност од проширувањето“, кој особено се наметна последниве години со финансиската и економската криза, вели за да се сочува успешната политика на проширување на Унијата, треба да се реализират повеќе работи кои ги образложи во три тематски блока.

- Фер и строги критериуми „ЕУ мора да се придржува на обврските и посветеноста на проширувањето кои им се ветени на земјите. Ова се однесува особено за земјите од Западниот Балкан. Второ, ЕУ мора да ја следи политиката на проширување со јасни, строги и фер критетриуми за прием. За идните членства во ЕУ, не смее како во минатото, да има политички попуст. Строгите критериуми за членство пред се треба да се однесуваат на правната држава, стабилната демократија, борбата против корупцијата, прифаќањето на малцинствата - религиозни, сексуални, културни, етнички ... Овие работи мора да бидат исполнети пред полноправното членство. И трето, ЕУ треба и самата да ги исполни домашните задачи - да биде способна за прием и за делување со новите членки. Унијата мора преку зголемената транспарентност и подобрената комуникација да ја добие согласноста на граѓаните за натамошните проширувања“, истакна државниот секретар Рот.

Запрашан зошто Германија не го искористила мигот и во екот на кризата кога Грција се повикувала на солидарност со ЕУ, не ја притиснала Атина ваква солидарност да даде и за решението на спорот околу името со Македонија, тој вели, „не помага секогаш да се притиска во една насока“.

- Што се однесува до проширувањето, особено на Западниот Балкан, ние (Германија н.з.) сме многу ангажирани и секако дека го поддржуваме она што се работи во Комисијата. Решението нема да пропадне поради Германија. Туку - сосема спротивно, истакна Рот, најмладиот државен секретар во историјата на Германија (1970) задолжен за Европа во сојузното МНР

16.05.2014 - 10:18
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега