Филе го поздравува напредокот во односите со Бугарија

Канцеларијата на комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, доцна синоќа излезе со соопштение по повод неговата средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во кое посебно го пофали напредокот на нашата земја во односите со соседна Бугарија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во соопштението за оваа средба, кабинетот на Филе потенцира дека комесарот за проширување и европска соседска политика се состанал во Брисел со Иванов, за време на неговата прва посета во странство по неговиот реизбор.

- Тие разговараа за последните случувања во земјата и напорите за интеграција во ЕУ. Во однос на неодамнешните парламентарни избори, комесарот Филе посочи на повторените препораки на ОБСЕ/ОДИХР во врска со пристрасното медиумско покривање и недостатокот на поделба меѓу државата и партиските активности, кои се опфатени со Копенхашките политички критериуми. Комесарот укажа на важноста од конструктивен дијалог, ангажирање на сите партии, во интерес на целата земја, се вели во соопштението на Европската комисија за оваа средба, која иако се одржа вчера изутрина, беше лиферувано дури доцна синоќа.

Во однос на добрососедските односи, комесарот Филе во соопштението се вели дека го повикал претседателот на Македонија да прикаже особено значење за договорно и заеднички прифатливо решение за прашањето за името.

- Притоа, Филе го поздрави неодамнешниот забележан напредок во односите со Бугарија, а и двајцата изразија намера наксоро повторно да се сретнат и да продолжи оваа дискусија, како и за многуте прашања и предизвици кои треба да се решат - се наведува на крајот од соопштението од кабинетот на еврокомесарот за проширување.

Како што е познато, македонскито претседате Ѓорге Иванов имаше успешна еднодневна посета на Брисел, каде во средбите со Филе и првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, порача дека ЕУ треба да го почитува меѓународното право и да бара примена на истото и во случајот со пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека Грција не смее да ја блокира Македонија во нејзините интеграции во меѓународните организации.

16.05.2014 - 12:25
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега