"Ангел беше несебичен и многу добар" - соучениците на убиеното момче завиени во црно

Учениците и наставниците од средното медицинско училиште „Никола Штејн“ од Тетово денеска со палење свеќи пред фотографија поставена во паркот пред Центарот за култура, му оддадоа почит на нивниот соученик Ангел Петковски, кој вчера беше убиен во населбата Ѓорче Петров во Скопје.

- Трагичната вест за смртта на матурантот Ангел Петковски ја примивме многу тешко. Утеха нема и се надеваме дека вакви работи нема да се случуваат во иднина. Ангел беше трудољубиво дете и иако доаѓаше од Скопје беше редовен и на наставата и на пракса, а како што велат неговите соученици тој им беше и рамо за плачење. Во четвртокот заеднички ја прославивме матурата се видовме и со неговите родители кои дојдоа д го испратат, но тоа беше последното нешто убаво што се случи со нашиот Ангел, изјави класната раководителка Сребра Цветковска.

За неговата професорка Душица Поповска, која во прва и втора година му била класна раководителка  убиството на Ангел е голема трагедија и нема зборови со кои може да се опише тагата. 

- Пред да замине Ангел ја прославиме нашата матура што никогаш ќе ја памтиме засекогаш. Тој ја согледуваше неправдата и се обидуваше да ја искорени. Момчето беше ретко несебично. Илјадници свеќи ќе горат за тебе ангелу наш и илјадници солзи ќе се пролеат бидејќи сите тагуваме. Горди сме што некогаш сме те имале бидејќи ти беше нашиот другар за утеха. Засекогаш ќе останеш во нашите срца и ние никогаш нема да те заборавиме, рече неговата соученичка Анета Јовановска.

20.05.2014 - 14:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега