Во Прилеп претставен елаборат за искористување на водите од вештачкото езеро за пиење

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Прилеп денеска го презентираше проектот за режимот на водите на вештачкото езеро.

Според директорот на претпријатието Сашо Николоски, станува збор за елаборат кој покажува дали може водата од вештачкото езеро максимално да се искористи, не само за наводнување, туку и за потребите на градот за вода за пиење.

- Градот ја има филтер станицата која може да се искористи при прочистување на водите од езерото за вода за пиење, изјави Николоски.

Проектот го изработи „Хидроенерго инженеринг“ од Скопје со помош на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, на водостопанското претпријатие „Прилепско поле“ и на Градежниот факултет од Скопје.

- Станува збор за оптимален режим на вештачкото езеро за одредени количества вода да се користат за пиење доколку има намален доток на вода за градот, вели Николоски.

Вештачкото езеро е со капацитет од шест милиони  метри кубни вода. Градот нема проблем сега со водоснабдувањето, ниту тоа се очекува ова лето.

Според градоначалникот Марјан Ристески, Прилеп секогаш бара алтернативни можности за да се искористат водните потенцијали.

Со проект на Владата е предвидена изградба на две мини акумулации од кои едната кај вештачкото езеро, а втората во атарот на селото Селце.

20.05.2014 - 17:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега