Возачите „полудеа“ на пешачкиот пред Капитол во скопски Аеродром

Пешачкиот премин помеѓу трговскиот центар Бисер и Капитол Мол во Аеродром е еден од најфреквентните во метрополата. Илјадници граѓани секојдневно го преминуваат булеварот на ова место како пеш, така и со своите возила. Иако фреквенцијата со отворањето на новиот трговски е зголемена и се поставени семафори токму кај трговскиот центар, тие веќе неколку месеци не се ставени во функција, па на овој пешачки премин владее вистински хаос. Како што сведочат жителите кои се пожалија на дежурниот телефон на Вечер, по овој премин пешаците редовно претрчуваат и излетуваат пред нивните возила. Популарните кафулиња, продавници, како и автобуските станици од двете страни на булеварот Јане Сандански ја полнат оваа зебра со пешаци, па како што раскажуваат жителите од овие населби, овој дел од булеварот станал проблематичен за возење, пишува Вечер
- Секојдневно оттука минувам со автомобилот наутро и нема ден на овој дел од булеварот да не се направи гужва, односно колона од возила и не само наутро туку и попладне кога сите се враќаат од работа. Едноставно овој пешачки премин е навистина оптоварен и фреквентен, па заради тоа постојано некој преминува, претрчува, трча да фати автобус. Кога веќе се тука поставени овие семафори треба да се стават во функција за да се знае кога е време за минување на пешаците, а кога за возење. Семафорските светла дополнително би ја зголемиле и безбедноста на пешаците затоа што јас како возач би знаела однапред дека треба да закочам ако видам дека е црвено, а со тоа би се избегнале и незгодите кои тука на овој премин ги имаше неколку, вели Милена Р., жителка од населбата Аеродром.

Како што објаснуваат жителите, проблемот на ова место го зголемуваат и паркираните такси-возила кои тука стојат на едната лента и чекаат патници, но со тоа од три го стеснуваат булеварот на две ленти.

Од Град Скопје кратко одговараат дека овој семафор се уште не е поврзан во системот со останатите за сигнализација, но наскоро ќе се стави во функција.
- Семафоризацијата кај Трговскиот центар Капитол се уште не е пуштена во употреба и за истата се вршат последните подготовки за вклучување во системот за координирана семафоризација на овој потег. Се очекува наскоро и овие семафори да бидат ставени во функција, одговараат од одделот за односи со јавност на Градот.

 

18.06.2014 - 22:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега