Орце Георгиевски ја презеде општина Кисела Вода - ова се новите советници

Претседателката на ОИК Кисела Вода, денеска им ги врачи уверенијата на новиот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и на членовите на Советот на општината.

По примањето на уверението, Ѓорѓиевски се обрати пред присутните, заблагодарувајќи им се на сите кои му ја дадоа довербата, истакнувајќи ја својата интенција за раководење на општината на транспарентен и чесен начин, во интерес на граѓаните, заеднички со Советот, за кој изрази надеж дека ќе функционира одлично  и покрај својата политичка шареноликост.

-Благодарам за успешно спроведениот изборен процес. Сакам да нагласам дека без разлика што во Советот имаме претставници од повеќе политички партии, се надевам дека ќе имаме плодна соработка во наредните четири години и дека ќе успееме значително да ги подобриме условите за живот за сите наши сограѓани-изјави новиот градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

На денешната седница, уверенијата ги примија и новите 23 советници кои во наредниот четиригодишен период преку Советот на општина Кисела Вода ќе ги застапуваат интересите на жителите од овој дел на градот.

Мнозинството го има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“: со 12 советници, коалицијата предводена од СДСМ „Најдоброто за мојата општина“ има седум,  Левица доби три советници, додека добија коалицијата ЛДП/ДОМ доби 1 советник.

Во наредните четири години,Советот ќе биде составен од следните советници:

Од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, Иван Живковски, Светлана Колариќ, Игор Трпевски, Николче Николовски, Татјана Нанкова, Горан Манасијевски, Никола Илиевски, Иван Митровски, Aрсена Глигорова, Лидија Малинковска, Стефан Стефановски и Тања Анчевска.

Од коалицијата предводена од СДСМ „Најдоброто за мојата општина“: Емилија Трајковска, Тодор Костадиновски, Симона Јовевска, Владимир Грујовски, Бојана Ацева, Дарко Филиповски и Елизабета Стефковска.

Oд политичката партија “Левица”: Теодор Трпевски, Донче Мишовски и Златица Жантевска-Пејиќ.

Советник ќе биде и Јане Петковски, кој на овие локални избори беше поддржан од коалицијата ЛДП/ДОМ.

Претседателката на ОИК-Кисела Вода, Татјана Алексовска Сапунџиоска, на градоначалникот и на советниците им го честита изборот и им посака успешна четиригодишна работа.

 

27.10.2021 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега