Панова: Ковачевски и новата гарнитура што треба да ја замени оваа во заминување не можат да понудат ништо повеќе од гол популизам

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова, на денешната панел-дискусија насловена „Исти луѓе – исти вредности” зборуваше за начинот на функционирање на новата постава на власт која треба да го замени Зоран Заев а е избрана лично од него и рече дека не може да понуди ништо друго освен гол популизам.

Таа рече дека ништо не може да се промени затоа што овој систем, кога СДСМ е на власт, ги јаде своите деца.

Нив не им е битно кој во одреден момент е на одредена функција се додека ги заврши задачите за кои е поставен. И дали тој истиот има свои видувања, свои визии, концепти или стратегија воопшто не е битно. Ние секојдневно функционираме во едно Собрание во кое што верувајте дека и за пратениците не е едноставно да предлагаат закони кои знаат дека имаат суштински проблеми, знаат дека овие закони нема да донесат ништо добро за граѓаните на Република Македонија, а на крајот од денот истите тие луѓе ќе треба да се вратат во своите места и повторно да разговараат со граѓаните кои живеат во сиромаштија.

– Јас не верувам дека ќе се промени системот поради тоа што ние стигнавме до тоа дереџе да претходниот владетел одлучи кој да биде нов премиер без притоа да видиме каква стратегија има, визија, дали воопшто има и стигнавме до тоа да со некоја диплома од Харвард дали ја имало или не, треба да одлучува кој ќе биде на одредена позиција која е во клучен момент, во кризна состојба, рече Панова.

Панова продолжи за судството во Република Македонија и кажа дека на разгледувањето на извештаите кои секојдневно доаѓаат до нив се со задоцнет рок од дури две години и тоа воопшто не допира до нив ниту пак има врска со напредокот кој постојано го зборуваат.

– Ако знаете како избираат судии, јавни обвинители или судии во Врховен суд, Уставен итн, ќе сфатите дека ветувања со кои што дојдоа СДСМ на власт не се ништо друго освен гол популизам. Реформите кои ги ветуваа во секоја област едноставно не можат да бидат остварени со истите луѓе внатре во системот и институциите. Граѓаните на Република Македонија зависат од функционирањето на институциите. Ако се промени власта, ако се промени составот и доколку не направиме реформи дали внатре во Собранието, дали во функционирањето на судската власт а да не зборам нели во функционирањето на извршната власт – тогаш ние не сме направиле ништо и напредокот за кој сите зборуваат е ништо повеќе од гол популизам, кажа Панова.

25.12.2021 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега