Пендаровски: До крајот на годинава целосно вакцинирани ќе бидат барем 70% од македнонското население
Претседателот, Стево Пендаровски, учествуваше на виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19, насловен „Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната“, а организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.
„Додека јас зборувам, 55% од населението во Северна Македонија веќе е вакцинирано со барем една доза. Оттука, апсолутно сме сигурни и даваме ветување за целосно вакцинирање на најмалку 70% од населението до крајот на оваа година“, нагласи претседателот.
Во видео-обраќањето Пендаровски нагласи и дека вакцинацијата против Ковид-19 ширум светот, без одлагање, е од клучно значење.
„За да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини“, истакна македонскиот претседател и изрази поддршка за заедничките глобални цели за справување со пандемијата од Ковид-19, презентирани од американскиот претседател Бајден, оценувајќи ги како клучни за запирање на оваа закана.
МАКФАКС
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа