Пендаровски во ОН: Итно е потребен пробив за европска интеграција на Западен Балкан

Западен Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција. 

Ќорсокакот во евроинтеграциите ги фрустрира граѓаните, за стабилен Западен Балкан е потребен пробив, а ние сме подготвени за конструктивен дијалог со Бугарија – кажа претседателот на државата Стево Пендаровски во 15 минутното обраќање на 76-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Од говорницата пред претседателите од целиот свет, тој потенцираше дека проблемот со блокадата за влез во Европската Унија предизвикува геополитички натпревар и поинаков модел на владеење...

„ Крајно време е да ја преиспитаме сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, идејата за Европа, обединета, слободна и во мир. Дали актуелниот статус на европските интеграции во регионот е во согласност со визијата замислена од неговите основачи предмногу децении? Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција. “

Пендаровски се осврна и на предизвиците од светската ковид-пандемија, меѓународната соработка во тешки околности, климатските промени и безбедносните ризици. Кажа дека светот е далеку од безбедно место за живеење, изрази загриженост за состојбата во Авганистан и дека Македонија од солидарност подава рака за згрижување на дел од бегалците...

„Подготвени сме да дадеме свој придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможиме подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција.

Имаме уникатна можност и одговорност како генерација лидери, кои своите земји ги водат низ најголемите предизвици по крајот на Втората светска војна, да преземеме чекори кон создавање помирен и поправеден свет во кој ќе се врати вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човечкото достоинство. “

Во рамки на учеството на Генералното собрание на Обединетите нации, Пендаровски ќе се сретне и со генералниот секретар Антонио Гутереш и со шефови на држави и влади. Него го придружува сопругата Елизабета Ѓорѓиевска која учествуваше на настан посветен на борбара против родово базираното насилство.

 

23.09.2021 - 21:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега