Пешевска: Шахпаска молчи за „Јавна соба“

 

Неспособноста на власта резултира со нова група Јавна соба на Телеграм. Една ваква група во минатото беше затворена. Власта со својата неодговорност и незаинтересираност за ништо друго, освен за своите лични интереси дозволи да се појави повторно таква група. И замислете – власта не презема ништо!, истакна Жаклина Пешевска, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ.

-Нема никакви активности, уште помалку резултати. Кога станува збор за оваа власт или конкретно надлежните за овој случај Оливер Спасовки, Јагода Шахпаска ги нема никаде. Каде е Шахпаска да реагира? До вчера ветуваа заштита на човекови права, заштита на жени и девојчиња, спречување на дискриминација, а денес целосен молк! Секојдневно се појавуваат жртви од оваа монструозна група, сведоштвата на жртвите се брутални, а институциите се без реакција. Едно е јасно, власта не е способна да се справи со случајот Јавна соба, вели Пешевска и додава:

„Групата функционира со месеци, јавноста е вознемирена од исказите на жртвите и се поприсутен е стравот за безбедноста на нашата младина, а конкретни чекори од надлежните институции нема ни во најава. На површина испливаа лажните заложби на оваа Власт, иако пред само неколку дена во собранието се изгласа законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, каде министерката Шахпаска повторно ветуваше итно и неодложно постапување на институциите во случај на насилство, а сега во пракса нема никаков чекор за заштита на лицата иако содржините во групата јавна соба се најава за насилство“.

Како Унија на жени, потенцира, изразуваме силна осуда за злоупотребата и вознемирувањето на жени и девојчиња преку групата Јавна соба.

-Бараме институциите на системот, да се разбудат од зимскиот сон и да реагираат час поскоро, за да се спречи понатамошна злоупотреба и создавање на нови жртви. Упатуваме уште еден апел до министерката Шахпаска и министерот Спасовски, веднаш да им помогнат на жртвите и да им излезат во пресрет за идните чекори кои се последица од оваа злоупотреба, подвлекува таа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.01.2021 - 21:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега