Потпишување на договорот за изградба на интерконекторот со Грција
Во Министерството за енергетика денеска ќе биде потпишан договорот за изградба на гасоводот за интерконекција на Северна Македонија и Грција.
Македонскиот дел од гасоводот треба да биде во должина од 67 километар и да се поврзе со грчката страна каде градежните активности ги работи компанијата „Терна“. Вкупната должина на целиот гасовод е 123 километри и тој треба да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во земјава.
Преку проектот, нашата земја ќе има можност да се снабдува и со природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од грчките терминали во Ревитуса и Александруполи.
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до три милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.
Проектот се очекува да биде финализиран на пролет следната година.
На денешното потпишување на договорот најавено е присуство на извршниот директор на Номагас, Мухамет Елмази, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, евроамбасадорот Михалес Рокас, како и претставниците на Европската инвестициска банка Бјорн Габриел и Европската банка за обнова и развој Стефан Костовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа