Премиерот дели мандатни писма а Собранието останува во лер – власта не може да се договори за формирање на собраниските комисии

Власта и опозицијата очигледно се уште немаат договор за формирање на собраниските тела во законодавниот дом. Како што информираат од кабинетот на Претседателот на Собранието, Талат Џафери, до овој момент се уште нема предлози за формирање на комисиите поради што, Џафери се уште нема закажано ваква седница.

„Претседателот Џафери ќе свика седница за формирање на работните тела на Собранието во моментот кога политичките партии ќе достават предлог. До овој момент тако предлог не е доставен од ниту една партија. Штом истиот биде доставен, Претседателот ќе може да свика седница“ – велат од Кабинетот на Џафери.

Вчера пратеникот Антонио Милошоски на социјалните мрежи коментираше дека тоа што не се формираат собраниските тела е доказ дека тешко функционира владејачката коалиција. 

„ Владејачкото мнозинство во Собранието не само што е тенко (62 пратеници), туку е и неусогласено.

Првиот знак за нефункционалноста на владеачката селотејп коалиција во Собранието е што дури и по еден месец од почетокот на конститутивната седница СДСМ-ДУИ-БЕСА-ДПА сеуште не можат да се договорат кој ќе ги води комисиите за европски прашања, за здравство и за политички систем. Овие комисии се битни, особено комисијата за европски прашања, затоа што во минатиот мандат истата често беше инструментализирана од страна на владата за носење на контраверзни закони по скратена постапка, со злоупотреба на европското знаменце.

Но, ваквите кавги на власта го кочат и формирањето на сите други комисии, кои како работни тела на законодавниот дом се неопходни за функционално Собрание. Доколку на пример нема формирани комисии за здравство и за образование, Собранието не може ни да разгледува, ни да гласа предлог закони од овие области. За споредба, во 2006та, 2008ма, 2011та, 2014та и 2017та година одлуката за формирањето на комисиите Собранието ја донело во рок не подолг од 4-7 дена од своето конституирање.“ – напиша Милошоски на социјалните мрежи. 

Токму овој проблем според него е и причината поради која Џафери лансира иницијатива за оналјн седници на Собранието на кои како што вели, власта ќе го скрие фактот дека не може да ги собере пратениците во Собранието и да обезбеди потребен кворум за работа. 

И во албанскиот опозициски блок се на иста линија. И таму сметаат дека барањето за онлајн седници има единствено за цел да го скрие фактот дека власта нема стабилно мнозинство во Собранието, рече вчера за Сител лидерот на Алијансата Зијадин Села.

„Мислам дека бројот што го имаат, 62 пратеници што е минимум за креирање влада, не треба да го компензираат со онлајн седници бидејќи позади ова, се крие таква намера“ – изјави Села за Сител.

Во владејачката СДСМ пак се на ставот дека потребата за онлајн седници е нужна во време на криза.

„Еден заболен независно дали станува збор за пратеник или вработен во собраниските служби, може да ги стави сите пратеници или цело Собрание во изолација. Он-лајн работата не само што е прифатлива за нас пратениците, туку е и нужна“, вели за Сител пратеникот на СДСМ Јован Митревски.

Интересно е што Македонија во моментов се наоѓа во ситуација во која Владата е ставена во функција додека законодавниот дом практично не функционира бидејќи без формирани тела, не може да работи и да носи закони. Од 4 август кога пратениците добија верификација на мандатите се што до сега направи Собранието е избор на влада и завршување на технички работи поврзани со потврда на оставките на министрите кои беа пратеници и избор на нови на нивното место.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.09.2020 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега