Пренџов: Договорот со Бехтел и Енка мора да го видат граѓаните - ќе има жестока дебата

Љупчо Пренџов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во своето гостување во радио „Лидер“ зборуваше за договор со Бехтел и Енка каде посочи дека власта овој договор различно го класифицирала, со што покажуваат, како што рече, дека се уплашени и сакале договорот да го сокријат од очите на јавноста.

-Јас го немам видено договорот како изгледа и немам видено дали навистина е класифициран бидејќи вицепремиерот кој што го тера проектот со Бехтел и Енка во едно негово телевизиско излагање кажа дека не е класифициран договорот. По 3 дена велат дека договорот е деловна тајна, па потоа е класифициран договорот и тоа се се различни работи и се гледа дека се уплашени и се гледа дека сакаат да го сокријат од очите на јавноста, потенцираше пратеникот.

Пренџов во текот на своето гостување во врска со договорот порача дека ќе имало жестока дебата во Собранието и тој договор ќе мора да го видат граѓаните.

-Како и да е во следниот период во Собранието ќе има жестока дебата за договорот со Бехтел и Енка, договорот мора да го видат граѓаните. Не можете вие некого да го терате во нормална, современа, демократска држава во 21 век, некого да го терате да плаќа данок, притоа ако не плаќа данок да има последици од државата согласно актуелната легислатива и притоа тој истиот граѓанин да не знае каде му се трошат парите и за што, рече тој.

Пратеникот Пренџов  заклучи дека градење на автопат, поставување на асфалт или тунел не може да биде класифицирана информација.

-Не може класифицирана информација да биде градење на автопат, поставување на асфалт или тунел, значи  не може тоа да биде државна тајна, порача Пренџов.

08.05.2023 - 09:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега