Ристески: Построги стандарди за заштита и безбедност за физички и правни субјекти
Во моментов Министерството за економија и труд и сите останати министерства и државни институции работат на промена на постојните нормативи во вид на закони и правилници за работа со кои ќе се воведат построги и повисоки стандарди за заштита и безбедност за сите физички и правни субјекти кои сакаат да работат со угостителска дејност. Ќе се зголеми координацијата меѓу институциите и ќе се зајакнат контролите и механизмите на државата, истакна денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на конференцијата на тема „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“, што се одржува во Стопанската комора.
Целта на овој настан, како што рече, покрај запознавање со активностите и работата на техничкиот комитет при Институтот за стандардизација на Македонија е зголемување на свеста кај стручната и пошироката јавност за значењето на примената на стандардите и нивната улога во законските и подзаконските акти поврзани со заштита од пожар, како суштински сегмент во процес на проектирање и градење.
Според него, оваа тема е од исклучителна важност и за жал е болна и актуелна тема во Македонија. – Изминативе неколку години сме сведоци на големи трагедии кои се предизвикани токму од недостиг на спроведување стандарди за безбедност и заштита од пожари. Овие трагедии беа резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг на контролни механизми за спроведување на постојните пропишани регулативи и стандарди за безбедност, лошата координираност на институциите, но и нискиот праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти, рече Ристески.
Конференцијата е организирана од Институтот за стандардизација и Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46, во коорганизација со Комората на овластени архитекти и инженери, Стопанска комора на Северна Македонија, Техноинспект, Кнауф, Адинг и други партнери.
Конференцијата почна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа