СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и Левица стојат зад срамните протести
СДСМ најостро ги осудува протестите, пораките, говорот на омраза, навредите кон докторите, медицинскиот персонал, но и новинарите и адвокатите на протестите во неделата.
Од партијата велат дека докторите и медицинскиот персонал се нашите херои кои заслужуваат длабока почит и благодарност, бидејќи тие неуморно се на првите линии во одбрана од корона вирусот.
- Правото на протест е уставно загарантирано, но исто такво е и правото на здравје. Пораките од протестите, иконографијата идентична со опозициските митинзи, нападите против актуелни министри, покажуваат дека зад овие протести стојат ВМРО-ДПМНЕ и Левица,помогнати од движењето Бојкотирам. Токму ВМРО-ДПМНЕ и Левица силно се спротивставуваа на новите мерки за заштита на здравјето и за цело време од пандемијата дејствуваат спротивно од препораките, отворено поттикнувајќи непочитување на мерките, се вели во дописот од партијата.
Според СДСМ, зад протестите стојат опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
- Дезинформациите и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои одвраќаат од вакцинација се на директна штета на сопственото, но и колективното здравје. Пораките, нападите од срамниот протест се директно загрозување на здравјето на граѓаните во време кога сите напори се насочени кон што поголем опфат на вакцинација. Масовната вакцинација е единствениот начин да се заштитиме себеси и оние околу нас. Ги повикуваме граѓаните кои досега не се вакцинирале да го сторат тоа што поскоро. Недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините е фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, се вели во дописот.
Според СДСМ, ковид сертификатите се користат во многу западни држави.
- Од исклучителна важност е и почитувањето на новите мерки за заштита на здравјето. Во многу држави се бара ковид сертификат за влез во различни објекти и на настани и тоа не е дискриминација, туку одговорност и заштита на колективното здравје. Да бидеме одговорни кон себе и кон другите, да придонесеме во борбата која е заедничка за целиот свет, се вели во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа