СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ шири невистини за францускиот предлог

Во изминатиот период целата јавност, сите граѓани, се сведоци на хистерично ширење на невистини поврзани со отворените прашања со соседна Бугарија и т.н. француски предлог, кој се уште не е усогласен на ниво на сите членки на ЕУ и формално не е доставен до нашите институции. Ова крајно неодговорно однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е штетно за државните позиции и нашите националните интереси.

Ова денеска го соопшти владејачката СДСМ обвинувајќи дека Мицкоски одработува за туѓи, странски интереси. Според партијата, тие не ѝ мислат добро на Македонија и се диригирани од анти-ЕУ и анти-НАТО центри на моќ.

-Се пласираат невистини за наводна бугаризација, за промена на Македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, па дури се споменува и наводна цензура. Знаеме дека многумина тоа го посакуваат тоа, посакуваат и политичка дестабилизација и држење во неизвесност на цел еден народ, но ништо од тоа нема да се случи, велат во соопштението.

СДСМ уверува дека клучни црвени линии нема да бидат вметнати во преговарачката рамка.

-Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се неколку елементи: Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања; Секое решение ќе биде консултирано со институциите на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

 

22.06.2022 - 18:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега