Се уништуваат 400 свињи на фарма во Виничка Кршла поради африканската чума

Агенцијата за храна и ветеринарство од утрово почна постапка за уништување на околу 400 свињи на фарма во селото Виничка Кршла, откако бил добиен позитивен лабораториски наод дека се заболени од африканска чума.

Потврдата за заболувањето на свињите во соседната Општина Виница доаѓа само еден ден по информацијата од Агенцијата дека успешно е спречено ширењето на болеста во кочанските села Мојанци и Тркање.

-Се работи за една од трите поголеми свињарски фарми во атарот на ова село, а принудени сме сите грла безбедно да ги уништиме и да ги отстраниме од одгледувалиштето. Превентивно, ќе мораме на ист начин да дејствуваме во радиус од три километри околу фармата, што значи дека ќе бидат опфатени и малите одгледувалишта во кои жителите за сопствени потреби чуваат само по неколку свињи. Истовремено, продолжуваме со земањето мостри од другите фарми за навремено да спречиме понатамошно ширење на болеста. Ова ќе предизвика неповолни економски последици за фармерите, но е единствен начин да се дејствува, со оглед што во светот не постои лек или вакцина против африканската чума кај свињите, истакна Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ширењето на африканската чума во источниот регион од државата беше евидентирано откако на почетокот на годината заболувањето се потврди во приватни одгледувалишта на домашнин свињи во околината на Македонска Каменица, поради што беше забранет и ловот на диви свињи.

Фармерите се загрижени дека заболувањето може значително да го намали бројот на свињи и ќе им нанесе значителни загуби. Нивните проценки се дека годишно од извоз на свинско месо и преработки од свинско месо се остварува приход од 100 милиони евра, а околу десет илјади семјества директно или индиректно се вклучени во одгледувањето свињи. Притоа, над 60 отсто од одгледувалиштата се индивидуални, со помал број грла, а останатите се на компаниите и месните комбинати. 

11.08.2022 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега