Села гледа решение со внесувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села на денешната партиска прес-конференција по повод завршените внатрепартиски избори се произнесе и по актуелните политички збиднувања околу францускиот предлог со цел отстранување на ветото од Бугарија за почеток на преговори со ЕУ. Тој истакна дека предлогот го нема видено и не сака да коментира детали, но дека општо го поддржува вметнувањето на Бугарите во Уставот како начин надминување на проблемот со соседната држава.

-Сите сме ние свесни дека кога има промени и во Уставот и секоја запирка и секој збор е важен.. Да, Алијансата за Албанците го гледа како решение внесувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот на Република Македонија. Ние овој став го имаме од 2015-2016 година како политичка партија. Мислам дека сите политички чинители и македонските политичари треба да размислат и да го прифатат овој предлог. Знаете што, ние можеме цело време да се жалиме дека некој не блокира, ама треба да се вратиме на основното прашање кои се тие кои бараат да бидат членка во ЕУ, а тоа сме ние. И наше е да одлучиме дали ќе бидеме или нема да продолжиме во ЕУ, рече Зијадин Села.

Тој рече дека би гласале за внесување на бугарското малцинство во Уставот.

-Во моментот кога од деведесеттите години е признаена независноста на Македонија истовремено е признаено и се што подразбира Македонија како држава од страна на Бугарија. Во нашата гледна точка веќе касно е барање на овие теми. Како што тоа признавање би одело преку процесот на меѓусебно признавање на малцинствата, тоа значи бугарското малцинство во Македонија, а македонското малцинство во Бугарија не мислиме ние како партија дека прашањето на малцинството е внатрешно прашање на поединечна држава, туку тоа е прашање на Универзалната декларација за човекови права која демократските земји ја имаат ратификувано во својот парламент. Па и однесувањето наше треба да биде според оваа Декларација, рече Села.

Според Села, Договорот за добрососедство со Бугарија е погрешен од наш аспект и рече дека власта се крие зад научници и комисии. Потенцираше дека треба да биде јасно дека се работи за политичка работа.

-Компромисот не е работа која ја прават научниците. Јас кога зборувам за историчари, зборувам за научници, било од бугарската страна, било од македонската страна. Научниците решаваат според факти и не може сека етничката припадност на која било историска фигура да се решава според тоа – не знам со гласови кој како ќе гласа. Тоа се факти кои треба да ги кажуваат научниците. Проблемот е политички и политички треба да се реши тој проблем. Тие што водат држави и влади треба да го знаат тоа и да седнат и да прават компромиси. Сега се моментите за правење компромиси, истакна првиот човек на Алијанса за Албанците.

Тој порача дека друго решение освен ЕУ интеграцијата не треба да постои, но и дека политичките чинители во Македонија и во Албанија без разлика на етничката припадност, не треба да им прават олеснителни околности на другата држава претендент за да биде членка на ЕУ.

-Услов има и Србија. А тој услов е признавање на независноста на Косово. Значи, сите земји кои претендираат да бидат членка на ЕУ си имаат некаков услов и тотално некоректно јас го гледам однесувањето на премиерот на Албанија кој јавно станува адвокат на друга држава, а од друга страна и прави авокатура и на Србија. Тоа е скандалозно и не треба да се случува. И сите земји кои ја имаат признаено Република Косово треба притисок да и прават на Србија за истото го признае бидејќи тоа е последниот сегмент на стабилност и мир на Балканот. Стабилноста и мирот не треба да бидат само зборови кои ги искажуваме, туку што правиме за тоа за да имаме стабилност и мир на Балканот толку пожелен не знам можеби цел век. Така ли? И последниот мозаик за стабилноста на Балканот е признавање на реалноста, а тоа е независно Косово и од тоа враќање назад нема, рече Села.

Тој посочи дека Отворен Балкан е работа која сега само служи за цел да се прескокне признавањето на Косово.  Села ги прочита сите 15 нови претседатели на ограноци кои биле избрани на внатрепартиските избори.

23.06.2022 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега