Шукова го повикува Ѓеорѓиевски на соочување за Вардариште

 

Кандидатката за градоначалничка за Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, упати повик до својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на јавно соочување во врска со актуелната ситуација со депонијата Вардариште во Скопје. Го повика да ги изнесе аргументите врз основа на кои го темели ветувањето дека од Вардариште ќе направи парк, нешто што, според Шукова, не може да случи на оваа локација.

„Јас ќе ги донесам фактите, законите и резултатите. Граѓаните ќе судат кој има решение, а кој има само празни ветувања и пропаганда“, рече Шукова на денешната прес-конференција.

Порача дека таа и СДСМ знаат како да го решат проблемот со депонијата. Конкретно, Шукова предлага итно оградување и 24-часовен надзор на Вардариште, расчистување и забрана за пристап, изградба на затворена, еколошка станица со систем за селекција, контрола и транспарентност.

„Вардариште ќе стане функционална, безбедна локација, а не екобомба под прозорците на скопјани“, вели таа.

Шукова ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека бега од одговорност и ја лаже јавноста кога вели дека градоначалниците немаат надлежност за Вардариште бидејќи, како што рече, според законот, отпадот е локална надлежност.

„Градоначалниците се директно одговорни за управување со комуналниот и комерцијалниот отпад, јавната чистота и расчистување на напуштен отпад, донесување мерки и акти за селекција, транспорт и контрола на отпадот, реализација на проекти за подобрување на состојбата со отпадот, задолжителна соработка со други општини и Градот Скопје. Орце Ѓоргиевски и ВМРО-ДПМНЕ или го немаат прочитано законот за управување со отпад, или свесно го игнорираат за да ја префрлат вината кога јас бев министер за животна средина“, рече Шукова.

Според неа, честите пожари на депонијата, како оној од пред неколку дена, се директен резултат на (не)работата на градот односно на ВМРО-ДПМНЕ и актуелната градоначалничка Данела Арсовска.

04.09.2025 - 13:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега