Шукова: Невладиниот сектор е значаен партнер за развој на демократско, отворено и транспарентно општество

 


Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, на средба со претставници на невладините организации истакна дека нивната улога е клучна во креирањето и имплементацијата на политики, но и во отворањето на теми и проблеми кои често остануваат запоставени од институциите.

„Иако во изминатите години немав можност директно да соработувам со невладини организации од овој сектор, имав искуство со организации кои работат во областа на животната средина. Тоа искуство ми покажа дека невладиниот сектор е сериозен партнер, кој знае да отвора важни прашања и да придонесува кон нивно решавање,“ рече Шукова.

Таа потенцираше дека практиката на негрижа и отсуство на поддршка кон граѓанските иницијативи и културните работници, каква што владееше во изминатите четири години на локално ниво, мора да престане.

„Поддршка треба да добијат сите оние кои можат да дадат свој придонес во решавањето на проблемите. Без партнерство со невладиниот сектор, но и со сите други општествени чинители, невозможно е да имаме вистински демократско и транспарентно општество,“ додаде таа.

Шукова посочи дека во програмата за Скопје предвидува воспоставување на отворена соработка со граѓанскиот сектор во сите области, од животна средина, преку родова еднаквост и здравство, до демократија и човекови права.

„Искуството што го имав во соработката со невладиниот сектор ќе го пренесам и во Град Скопје. Секогаш сум била отворена за дијалог, секогаш сум одговарала реално и одговорно на барањата, и секогаш сум се вложувала максимално. Време е да ги отвориме процесите што застанаа пред неколку години и да продолжиме во вистински демократски дух на соработка,“ рече Шукова.

16.09.2025 - 10:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега