Сиљановска-Давкова: Блокадата кон ЕУ може да се реши со „креативно толкување на преговарачката рамка“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остварила средба со специјалната пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Карен Пирс чија посета ја оценила како јасен показател за британската заинтересираност и посветеност на Западен Балкан.
Според Сиљановска-Давкова, оценувањето на напредокот треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Сиљановска-Давкова, како што соопштија попладнево од нејзиниот Кабинет, укажала на деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето.
Информирала за заситеноста и заморот на македонските граѓани од бројните преседани, блокади и двојни стандарди. За неа, спротивно на европските темелни вредности и принципи е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани.
Можно надминување на блокадата, како што се наведува во соопштението, претседателката гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовани прашања.
Специјалната пратеничка Карен Пирс изразила разбирање за потребата од надминување на македонската евроинтеграциска блокада.
Соговорничките ја оцениле британско-македонската соработка како успешна, изразувајќи подготвеност за нејзино продлабочување и проширување. Двете очекуваат важни придобивки за регионот од претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Лондон
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа