Сиљановска-Давкова се сретна со актерот Едмонд Сотир
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Едмонд Сотир, актер, основач и организатор на фестивалот „Македонско Културно лето“, којшто годинава по 20-ти пат ќе се одржи во Преспа, општина Пустец во Албанија.
Честитајќи го дведеценискиот јубилеј, Сиљановска-Давкова истакна дека фестивалот е исклучително важен, не само за Македонците коишто живеат во Албанија, туку и за сите Македонци каде и да се. Со него, како што рече таа, и покрај сите предизвици на македонското малцинство во Албанија, се негува македонската традиција, култура и идентитет, надвор од границите на државата.
На средбата, Сотир ја запозна претседателката со досега утврдената програма и истакна дека овогодинешното издание на фестивалот „Македонско Културно лето“ ќе се отвори на први јули со учество на маестралниот музичар и професор Драган Даутовски.
Соговорниците разговараа и за финансиските предизвици со коишто се соочува фестивалот, како и за неконзистентноста и дисконтинуитетот на поддршката од македонските и од албанските државни институции.
Изразувајќи подготвеност за поддршка, Сиљановска-Давкова рече дека, ќе најде модул за оддавање признание на фестивалот за посебен придонес во промоцијата на македонската култура во странство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа