Средба на Сиљановска-Давкова со јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара, која ѝ ја предаде честитката од Неговото Величество Нарухито, Император на Јапонија, упатена по повод 8 Септември-Денот на независноста.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за срдечните желби, оценувајќи ги како израз на трајното пријателство и заемното почитување меѓу двете држави.
Амбасадорката информираше за успешното учество на земјава на Осака ЕКСПО 2025 и изрази воодушевување од културно-уметничката програма со којашто бевме претставени пред јапонската јавност на Денот на независноста.
Соговорничките се согласија дека познатите оперски уметници Ана и Игор Дурловски со камерниот оркестар „Ајга“, џез-гитаристот Владимир Василевски – Четкар, како Кирил Џајковски и неговиот бенд, автентично ја претставија македонската култура, традиција и модерна уметност.
Според обете, одличната посетеност на македонскиот павиљон на ЕКСПО 2025 е доказ за потенцијалот којшто го имаме, како туристичка дестинација со богато културно, историско и природно наследство.
Реафирмирајќи ја важноста на културната дипломатија, Сиљановска-Давковка изрази задоволство од вниманието што го привлекла изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге и неговиот план за реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година. Таа го поздрави и интересот и посетата на македонскиот павиљон од страна на учениците од средното училиште „Таканава“ во Токио кои го изучуваат македонскиот јазик.
Претседателката се заблагодари за севкупната поддршка и донации од Јапонија и изрази подготвеност за натамошно градење на пријателските врски и продолжување на соработката во рамки на меѓународните организации.
Осврнувајќи се на актуелните случувања на глобално ниво, соговорничките се согласија дека е потребно итно и длабоко реформирање на ОН, заради јакнење на мултилатерализмот за справување со реалните глобални предизвици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа