Средба на Тошковски, Буши и Бојмацалиев со италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри

 

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев денеска имале работна средба со амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри, соопштија од МВР.

На средбата Тошковски го запозна амбасадорот Силвестри за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите што ни претстојат. Во таа насока улогата на МВР е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст Тошковски укажа на неможноста во согласност со законот да ги постави сите 15 раководни работници во Министерството.

На прашање на амбасадорот Силвестри, Тошковски ги образложи преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење лични документи со цел граѓаните да може на достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст укажа и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните. Во однос на техничкиот рок на патните исправи во согласност со динамиката на нивно изготвување, Тошковски побара поддршка од Силвестри и од Италија за можноста за негово пролонгирање, без притоа да се наруши почитувањето на меѓународното право и основното човеково право на слободата на движење.

На средбата Силвестри ја потенцира улогата на Министерствата за внатрешни работи насекаде во Европа и пошироко како гарант за безбедни, фер и демократски избори. Воедно, ја поздрави успешната билатерална соработка меѓу двете држави и министерствата за внатрешни работи ставајќи притоа акцент на тековните проекти од аспект на зголемување на капацитетите на македонската полиција.

На крајот од средбата, Тошковски изрази уверување дека соработката во рамките на веќе почнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најави и зголемување на обемот на соработката со Република Италија како наша долгогодишна пријателска земја.

 

09.02.2024 - 14:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега