Стоилковски: Дали КАТО системот е исклучен за да има криминал со смртни последици, веднаш оставка на владата
Злоупотребата на цитостатици и терапија на клиниката за Онкологија е мега криминал со смртни последици, злосторничко здружување за кражба на лекови од пациенти со канцер за продажба на црно, истакна на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа, како што оценува тој, е невозможно без политичка поддршка и обезбедена неказнивост.
„Клиниката за Онкологија е единствена во светот што поседува КАТО систем за контрола на терапиите, а што 6 години не го користи. Системот за контрола за дозирање на лековите е исклучен во 2017 година, со доаѓањето на СДС и поставувањето директор на клиниката од Арбен Таравари, тогаш нов министер за здравство. И сега кога грозоморниот скандал изби во јавноста, актуелниот министер, пулен на Таравари, повторно нема одговор зошто КАТО системот е исклучен од употреба, што доведува до логичен заклучок дека тоа е сторено за да може непречено да се спроведува криминалот со смртни последици.
И наместо оставка своја и на сета влада, министер за здравство во владата на Димитар Ковачевски во обид да демантира вели „системот не е фрлен во подрум, туку заклучен во соба”.
Морбидно, нечовечно, дно за медицинскиот систем, но врв на владеењето на СДС за опстојување на власт“, вели Стоилковски.
Додава дека злосторничкото здружување се уште опстојува и владее со клиниката за онкологија, и по две години откако укажале на криминалот и откако медиумите пренеле сознанија.
„Сите до еден чекори во здравството во овие 7 години се политички и сите до еден се лукративно мотивирани, пред се за СДС да остане на власт. Креирање на толкав систем за крадење на цитостатици и наместо лекови, пациенти да добиваат вода, сето семејство на директор да е на листа за цитостатици, починати пациенти се уште да бидат на листа за лечење, фатена медицинска сестра со украдени цитостатици па вратена на работа, медиуми за сето ова да пишуваат, опозицијата две години да алармира, државната ревизија да пишува извештаи, и по сето тоа до сега да нема никаков резултат- тоа значи политичка заштита за актерите и веројатно ветена неказнивост“, додава Ковачевски.
Оставките, според Стоилковски, се прв чекор кој што би гарантирал истрага и соодветна постапка без да се влијае врз неа од позиција на моќ и власт.
Ова, како што вели, е преголем криминал за покривање и дефокусирање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа