Стоилковски: Универзална сала на Шилегов не работи, а изнајмува опрема за над 100.000 евра!?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека иако Универзалната сала во Скопје е затворена веќе пет години сепак изнајмувала опрема за настани. Според портпаролот на партијата, Наум Стоилковски за ова биле платени над 100.000 евра

-Пет години во Скопје Универзалната сала е затворена, 5 години нема никакви случувања, ама тоа не значи дека Петре Шилегов и неговиот пријател Филип Аврамчев, поставен од Шилегов за директор на Универзалната сала, не виделе добра шанса за нелогични трошења во овие години. Имено, Универзалната сала 5 години е затворена и пропаѓа. Нема ниедно случување, а со години внимавајте изнајмува, плаќа рентање на опрема за настани, во вредност од над 100.000 евра!? A, притоа, внимавајте, се купува опрема за звук и светло, за 6.500 евра! Во 2019-тата година Универзалната сала на Шилегов, внимавајте, дава 52.381 евро за „Техничка поддршка и наем на техничка опрема за озвучување и осветлување на настани во организација Универзалната сала“. Односно ИЗНАЈМУВА опрема, плаќа над 52 илјади евра за опрема, за светло и озвучување, иако нема сала Универзалната сала е затворена и нема настани!?, рече Стоилковски на прес-конференција.

Според него, истото тоа се случувало и оваа година.

-Повторно тендер за изнајмување. За „Техничка поддршка и наем за озвучување и осветлување“ и се даваат 50.400 евра! Оваа 2021 година, сала нема, нема каде и што да се озвучува и да се осветлува. А, притоа, потсетувам постои опрема, а во 2018-тата и е докупена опрема за 6.500 евра! Овие договори ги добива компанија којашто според познавачите е позната и блиска на Петре Шилегов, а тој треба да каже дали тоа е основот за Универзалната сала да мора да изнајмува опрема иако е затворена и нема услови и нема каде да организира настани!? Секако, ова не е се! Во две години, 2019-та и 2020-та година, има склучени 4 договори на Универзалната сала за маркетинг и рекламирање сите платени по 23.000 евра или вкупно над 92.000 евра! 92.000 евра за реклами на Универзалната сала, а Универзална сала е затворена и нема настани! Што е тоа што е рекламирано за настан во Универзална сала што чини 92.000 евра платени за услуги од маркетинг агенции? Значи да повторам нема настани, 100.000 евра се дадени за изнајмување за опрема за звук и светло иако Универзална сала е затворена и не работи. Нема настани, ништо не се случува, Универзална сала е затворена, а мора да одговорат што е тоа што рекламирале во две години за 92.000 евра, рече Стоилковски.

 

23.10.2021 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега