Стојаноски: Владата предводена од ДУИ продолжува со уништување на економијата со воведување на нови даноци
Македонија е држава со најнизок економски раст во регионот, со една од највисоките стапки на инфлација во Европа, со ниски странски директни инвестиции, со нарушен животен стандард и масовно бегање на граѓаните од државата поради лошите политики на власта, истакна на денешната прес-конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес во Собранието на Република Македонија пристигнуваат три „европски“ закони од таканаречената даночна реформа која што е во спротивност со интересите на граѓаните и стопанството. Владата нема слух за апелите на ВМРО – ДПМНЕ дека ДДВ на храната треба да се намали на 0%, а ДДВ на струјата да биде 5% се додека инфлацијата не се врати во нормала. Напротив, очекувајте зголемено ДДВ од 10% за одредени прехранбени производи. Со месеци ја бараме листата на производи кои ќе ги поскапат, но сеуште е недостапна за јавноста. Дополнителна честитка за граѓаните со законот за ДДВ е поскапувањето на пелетите кои ќе се даночат со стапка од 18% наместо моменталните 5%. Изминативе години дозволија да се соголат планините, а граѓаните да се смрзнат ако немаат да платат по 5000 денари за метар кубен огревно дрво. Тоа не им беше доволно и сега го зголемуваат и данокот за пелетите. На што да се греат граѓаните во зима?“, запраша Стојаноски
Апелира власта да го презентира новиот модел за финансиска поддршка на и онака, како што рече, кревкиот спорт пред да го укине постојниот модел за донации од 10-тина милиони евра годишно. Според него, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата ги фати во криминал раководствата на Агенцијата за млади и спорт, ама одговорност нема. Дополнително, како што истакна, покрај постојните казнени одредби од законот за данок на добивка, УЈП ќе има можност и за дополнителни пенали за фирмите кои ќе бидат петкратно поголеми од износот на инвестициите за кои инспекторот ќе смета дека се непотребни. Преголемо дискреционо право кое власта и те како ќе го злоупотреби, а ефектот ќе е намалени инвестиции поради страв репресија.
„Третиот закон кој власта сака да го донесе се однесува на т.н. данок на солидарност. Власта бара компаниите да се солидарни, а во исто време немилосрдно троши, нема фискална консолидација и се бори со сивата економија само на хартија. Понатаму, ликвидноста на компаниите е сериозно нарушена и наметнувањето на ваков данок дополнително ќе ги отежни и онака тешките и неизвесни услови во кои делуваат. Законот не ги зема во предвид ефектите од инвестициите, истражувањето и развојот на компаниите во минатото кои вродиле со зголемени добивки, а пораката што власта ја праќа до стопанството гласи „успешните ќе бидат казнети“. Дополнително, стопанските комори и советот на странски инвеститори се изјаснија против ваквото ад хок решение кое создава несигурност кај инвеститорите“, додава пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека трите закони не се реформа, туку зголемен даночен товар за граѓаните и стопанството. Во трите закони, појаснува Стојаноски, нема ништо европско за повторно да го злоупотребат европското знаменце. Сакаат на брзина да протнат закони од личен интерес, како и многупати досега.
„Како пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција за обнова на Македонија ветуваме дека ќе ги искористиме сите деловнички можности за да ги разубедиме колегите преку јавна и стручна расправа со сите заинтересирани страни дека со овие закони штетата по македонската економија и животниот стандард на македонските граѓани е огромна“, нагласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа