Стојаноски: За да им помогнеме на граѓаните во овие кризни времиња, поднесовме закон за укинување и намалување на ДДВ за храната и дериватите

На 5 мај заедно со координаторот на пратеничката група во името на целата пратеничка група, поднесовме закон за намалување на акцизите за од прилика 50%, кој што го поднесуваме трет пат, претходните два пати ни беше одбиен. Во текот на вчерашниот ден поднесовме закони за намалување на ДДВ за прехранбени производи од 5% на нула, како и на енергенсите бензинот и дизелот од 18%, овој пан на 5% затоа што сметаме дека тоа е начинот на кој што треба да им се помогне на граѓаните. Денеска сабајле повторно ги повикавме власта и владејачкото мнозинство да закажат веднаш, итна и неодложна седница, каде што пратениците ќе ги изгласаат овие закони со кои ќе им помогнеме на граѓаните, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во неговото вечерашно гостување во емисијата „Економски магазин“ која се емитува на телевизија Алсат М.

Стојаноски се осврна и во однос на претстојниот ребаланс на буџет кој што треба да влезе и во собраниска процедура и за кој вели дека не е добро дизајниран и дека економскиот тим на владата која го подготвила треба под итно да си поднесе оставка, затоа што тие се тие кои Македонија ја донесоа во дереџе каде што инфлацијата е највисока од 1994 година.

„Најмалку што може економскиот тим на владата да направи за да ја подобри ситуацијата е да даде целокупна оставка, од прв до последен. Затоа што овие економски политики кои што овој тим ги донесе не донесоа до ова дереџе да имаме највисока инфлација од 1994 година наваму, за 30 дена потрошувачката кошница за 1300 денари, 400 милиони евра велеа дека дизајнирале мерки кои што видовме какви резултати дадоа. А, што да очекуваат сега граѓаните кога нема мерки и тек допрва оваа Влада и овој економски тим прави анализи. Какви дополнителни анализи треба да се направат“, запраша Стојаноски.

Тој додава дека антикризните мерки кои што до сега власта ги преземаше беа апсолутно задоцнети и нецелосни.

„Мерките се апсолутно задоцнети и она што треба да се каже, доста со онаа флоскула во ребалансот на буџетот се предвидени, чинам 76 милиони евра, помош за кризата. И сега логични прашања се поставуваат, ако 400 милиони евра, како што велат, не го решија проблемот како ќе го решат проблемот 76 милиони евра? И второто логично прашање, нека излезат и нека кажат, со кои конкретни мерки тие 76 милиони евра ќе бидат потрошени? Јас ова прашање го наметнувам, дали тие 76 милиони евра може да се дадат за ликвидност на ЕЛЕМ, тие пари повторно да отидат во ЕЛЕМ за помагање на претпријатието, а нема да завршат кај граѓаните“, запраша Стојаноски.

Во однос на законското решение со кое се овозможува добивање на субвенции на земјоделците, кој вчера помина на собраниска седница, Стојаноски вели дека не се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тие кои што го попречуваа носењето, туку пратениците на власта кои не можеа да обезбедат кворум за одржување на седница.

„Љупчо Николовски наместо да држи прес конференции пред собранието, требаше уште пред четири недели да дојде на комисијата која што беше закажана, а која што владиното мнозинство, прво не обезбеди кворум за одржување на таа седница, а второ немаше ни владин претставник. Ние вчера едногласно го изгласавме законот за помош на земјоделците, еве го повикувам Љупчо Николоски уште денеска да почне да ги исплаќа субвенциите. Но нема да почне, заради тоа што во буџетот нема пари, буџетот не е ликвиден, затоа што наместо да исплаќаат пари кон земјоделците, наместо да се помага кон земјоделците, ние исплаќаме 1,4 милиони евра грантови кон семејните фирми на Зоран Заев. Не може тоа така, треба да има приоритети, и еве ние сме тука како опозиција и нашиот став е многу јасен и принципиелен. Ќе помагаме и ќе учествуваме во сите закони преку кои што треба пари да завршат кај граѓаните, но не и на закони кои ќе значат лично богатење на коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ“, рече Стојаноски.

01.06.2022 - 22:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега