Уставниот суд пресече: Минималните цени за стоматолошки услуги остануваат, нема нарушување на слободата на пазарот
Уставниот информира дека е одлучено да не се поведе постапка за оценување на Листата на стоматолошки услуги со минимални (референтни) цени донесена од Извршниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 24.04.2024 година.
Како што соопштуваат од Уставен, неприфатливи се наводите дека оспорениот акт ја нарушува слободата на пазарот со поставување на минимални цени и ограничување на рекламирањето врз основа на цената.
-Според Судот, Стоматолошката комора на Македонија, со воспоставување на минимални цени, гарантира дека приватните стоматолози нема да го загрозат квалитетот на услугата и професионалната етика заради пазарната конкуренција, од каде корист би имале самите пациенти а со тоа, индиректно се поддржува поширокото право на здравствена заштита, на начин усогласен со јавниот интерес. За Судот неспорен е фактот дека Листата на стоматолошки услуги е од општ карактер и се однесува подеднакво за сите и нема елементи на селективна примена или создавање на привилигирана или дискриминирана категорија на граѓани, стои во соопштението од Уставен.
Во однос на наводите во иницијативата дека Извршниот одбор немал надлежност да ја усвои Листата без овластување од Собранието на Комората, дополнуваат дека Судот утврдил дека таква надлежност на Извршниот одбор постои и е уредена со членот 27 став 2 точка 22 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија каде што јасно му е наложено на Извршниот одбор да воспостави листа на минимални цени за приватни стоматолошки услуги.
Подносителот ја оспоруваше листата на стоматолошки услуги бидејќи со неа е утврдено дека Извршниот одбор на Стоматолошката комора одредил минимални (референтни) цени и со тоа на стоматолозите им се забранува да вршат стоматолошки услуги по цени пониски од утврдените, при што е предвидено и санкционирање доколку стоматолозите не се придржуваат до Листата. Во иницијативата се тврди дека стоматолозите се приморани да пружаат услуга само на оние граѓани кои имаат финансиска можност да платат најмалку колку што е предвидената минимална цена, наместо да го унапредат здравјето на сите останати без оглед на нивната финансиска моќ. Токму ова, подносителот наведува дека е во спротивност со членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа