В сабота почнува увидот во Избирачкиот список за локалните избори, ќе трае до 11 септември

 

Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, в сабота почнува јавниот увид во Избирачкиот список. Увидот ќе трае 20 дена, односно до 11 септември на полноќ, а заклучениот список ќе биде потпишан од Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 3 октомври.

Сите граѓани имаат можност да ги проверат своите податоци и да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на информациите. Барањата се поднесуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и по електронска пошта. Со барањето, задолжително треба да се приложат и потребните докази. Барањата се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.

Можност за увид во списокот имаат и лицата во притвор и затвор, кои своите барања ги поднесуваат преку надлежниот орган за извршување на санкциите до ДИК.

И политичките партии имаат рок до 11 септември да достават барање до ДИК за добивање на избирачкиот список. По приемот на списокот, кое треба да биде најдоцна до 14 септември, тие имаат пет дена да поднесат барање за промени.

ДИК по поднесеното барање одлучува во рок од три дена, а против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа, а одлуката треба да ја добие во наредните 24 часа.

ДИК е должна да донесе одлука по барањата на граѓаните во рок од 24 часа. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот може да поднесе тужба до Управниот суд, кој исто така е должен да одлучи во рок од 24 часа.

Министерството за внатрешни работи (МВР), еден ден по завршување на увидот, доставува списоци на лица кои поднеле барање за нова лична карта, како и на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Податоци се доставуваат и од други институции, како што се органите за извршување на санкции, Министерството за социјална политика и судовите, со цел ажурирање на списокот.

Конечниот Избирачки список ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември, а потпишан на 3 октомври.

20.08.2025 - 09:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега