Вардар кај Лисиче повторно загаден - инспекторите на терен

 

Увидот на инспекторите за животна средина во инсталациите на двете најголеми фабрики во кругот на некогашната скопска Железарница – „Макстил“ и „Либерти Груп“ (поранешен „Арчелор Митал“), денес не покажа кој е причинителот на денешното загадување на реката Вардар кај Лисиче, објави Мета.мк

Откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на црвеникаво-кафеаво обоените води на Вардар и откако Градскиот инспекторат ги алармираше своите колеги во Државниот инспекторат за животна средина за ново загадување на реката, беа земени мостри и од пречистителните станици на двата стопански субјекта и од колекторот, кои треба да бидат упатени на анализа во лабораторијата на ЈП Водовод. Ова за Мета го потврди државниот инспектор Мите Нацев.

„Земените мостри нема да можат да бидат дадени на анализа денес бидејќи е неработен ден поради изборите, ќе ги однесеме утре“, изјави Нацев, кој потврди и дека инспекторите ги посетиле и „Макстил“ и „Либерти Груп“, но дека од увидот на лице место не можело да се утврди дека некаде имало хаварија, односно од каде потекнува загадувањето. Според инспекторот, „Либерти Груп“ не работеле ниту денес ниту претходните денови.

Во меѓувреме, за инцидентот се огласи и Министерството за животна средина, со соопштение во кое се вели: „По добиена дојава за обојување на водата во река Вардар кај мостот „Близнаци“, државните инспектори за животна средина веднаш излегоа на терен. При тоа, направена е инспекциска контрола во двата правни субјекти: Либерти Скопје и Макстил АД, кои се наоѓаат во комплексот на бивша Железара и за кои инспекторирањето е во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина“.

Во соопштението на МЖСПП се потврдува дека е направен увид и контрола на пречистителните станици на двата правни субјекта, како и на местото каде колекторот се влева во реката Вардар и од таму се земени мостри кои ќе се дадат на анализа во акредитирана лабораторија.

„Ниту Либерти Скопје, ниту Макстил АД немаат пријавено било каква хаварија, а при увидот во пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води“, се вели во соопштението од МЖСПП.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.07.2020 - 17:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега