Вешти лица од Судска медицина сведочеа за убиството на Денис Тот

Со сведочење на вештите лица Александар Станков и Рената Јанкова од Судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, денеска продолжи изведувањето на доказите на обвинението за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Вештото лице Александар Станков изјави дека повредите кои ги здобил сега покојниот се класифицирани како тешка телесна повреда со опасност по живот и тие се поврзани со смртниот исход.

– Како причина за смртта наведено е дека смртта настанала заради нагмечување на големиот мозок и нагмечување на рбетниот мозок, меѓутоа критична повреда за настапување на смрт, врз основа на целокупната клиничка слика кај сега починатиот, е повредата на почетен дел од рбетниот мозок, појасни тој.

Прашан дали постои причинско-последична врска помеѓу повредите кои ги здобил ракометарот и смртта, тој даде потврден одговор.

Вештото лице Рената Јанкова рече дека некои повреди може да се квалификуваат изолирано, па потоа да се зборува за севкупно дејство на повредите.

– Меѓутоа, ако ги разгледуваме поединечно, на пример една од повредите, да ја земеме повредата која што довела до неконкретна скршеница на носната коска, може да биде телесна повреда, меѓутоа, ако истата таа повреда довела до потрес на мозокот во тешка форма, тогаш е тешка телесна повреда, рече таа.

Јанкова дополни дека заради севкупната слика од здобиените повреди не може да ги разгледуваат како посебна повреда секоја за себе, меѓутоа, како што рече, со севкупното дејство се квалификуваат како тешка телесна повреда со конкретна опасност по живот.

Јанкова, исто така, одговори дека постои поврзаност помеѓу здобивањето на повредите и смртниот исход.

Вештите лица беа вкрстено испрашани и од одбраната на обвинетите во однос на подробни прашања во врска со наводите од извештаите за вештачење и обдукција.

Обвинетиот Анџело Ѓоргиевски праша дали е утврдено кој удар довел до ротација на главата и повреда на рбетниот мозок.

– Не можеме да го конкретизираме тоа. Ние можеме да знаеме само тоа што ќе го видиме и да ги знаеме механизмите, тоа е во доменот на нашата струка, одговори вештото лице Јанкова, дополнувајќи дека ако можело да се утврди, вештите лица би се произнеле по тоа.

Одбраната во своите воведни зборови рече дека не смета оти правната квалификација за кривичното дело „убиство“, кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар, е одржлива и дека ќе докажува оти не постои умисла за истото.

Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.

26.09.2022 - 14:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега