Власта и опозицијата конечно за нешто се согласија: Пратениците очекуваат поддршка од КОЕЛА

Воведување на реформи во јавната администрација, реформи во правосудството, борба против криминалот и корупцијата и преговори со ЕУ без додадени услови, се поентите што денеска пратениците во македонското Собрание ги истакнаа пред работната група на Советот на Европската Унија надлежна за проширувањето и земјите кои се во преговарачки процес за членство во Европската Унија (КОЕЛА).

Според пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, потребно е зајакнување на човечките ресурси со кои располага државата во рамки на институциите.

– Воведување реформа во јавната администрација со воспоставување систем на кариера, но и зајакнување на ресурсите што ќе помогнат во процесот на пристапување кон Европската Унија. Институциите се соочуваат со одлив на кадар, а стручните луѓе си заминуваат и затоа имаме потреба од стручни и компетентни луѓе што ќе ги обучиме, рече Петрушевска на седницата на собраниската Коисија за европски прашања.

Искуството од земјите-членки на ЕУ, како што посочи, ќе биде од големо значење за пратениците, бидејќи потребно е длабински и суштински да се сработи работата.

Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ очекува во процесот на преговори со ЕУ да нема, како што рече, двојни аршини и нови додадени услови. Му се заблагодари на делегатот од Грција, кој присуствуваше на средбата, оценувајќи дека може да се говори за вистински добрососедски односи, а истото, како што посочи, го очекува и од Бугарија.

– Потребна е вашата поддршка. Очекувам еднаков пристап и еднакви аршини кон Бугарија и кон Северна Македонија, а ние самите ќе го изнајдеме патот кон она што значи вистински соседи кои заедно размислуваат за мир и просперитет, додаде Калевска-Ванчева.

Пратеничката и потпретседателка на НСДП Соња Мираковска очекува добра соработка и поддршка од КОЕЛА. Вели дека во државата се чувствува евроскептицизмот, но од друга страна им порача на делегатите дека се тука да помогнат, да дадат поддршка и да посочат што треба да се доработи.

-Трасираниот пат кон Европа нема никој да го запре, очекувам добра соработка, често да бидете тука и да одиме заедно напред, рече Мираковска.

Сличен став има и претседателот на Комисијата за европски прашања Арбен Адеми кој очекува овие средби да продолжат и заеднички на конструктивен начин Северна Македонија да се зачлени како полноправна членка во Унијата.

14.09.2022 - 17:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега