ВМРО-ДПМНЕ: Македонија оди кон грчко сценарио – милијарда евра нов долг и нови 40.000 невработени

Со направени над 1 милијарда евра нов долг за само 3 месеци и нови 40.000 невработени, Македонија се движи кон грчкото должничко сценарио, предупреди опозициската ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение испратено попладнево. 

„ Зоран Заев не може да ја вади државата од криза, затоа што тој ја внесе во криза. Заев со 40.000 невработени ја турка државата кон грчко сценарио наместо подобрување. Неспособноста да менаџира предизвика 1 милијарда евра нов долг, со што го задолжи секое семејство за 2000 евра, за само 3 месеци. И наместо пари за фирмите и граѓаните, Заев и Нина Ангеловска дела пари на своите фирми. 

Додека граѓаните и фирмите се соочуваат со неликвидност функционерите на власта исплаќаат помош на свои фирми.

Резултат како што вели самиот Заев – можеби се 22, можеби 30 илјади, а во реалноста се повеќе од 40 илјади отпуштени работници“ – велат од опозициската партија

Од опозицијата велат дека податоците за приходите во буџетот потврдуваат дека економијата е во слободен пад

“Крахот на економијата е факт кој го говорат и официјалните институции. Денес стигна и официјален податок дека приходот во буџетот од даноци во август, месец на одмори и кој вообичаено се одликува со зголемен промет во земјата, но Заев има намалена наплата на ДДВ за цели 14%, тоа значи дека прометот во земјата е намален и има намалена економска активност.

Од друга страна данокот на добивка на фирмите е намален за 28.9%, што е пад за 1/3 и што алудира дека голем број на фирми ќе се соочат со нелеквидност.

Дополнително падот во персоналниот данок на доход од 10%, говори за отпуштањата и намалените примања.

СДСМ ја уништи економијата. Уште една криза ќе значи целосен крах за економијата.

Зоран Заев и СДСМ не можат да ја извадат Македонија од криза“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Заев пак денеска на средба со бизнис секторот ветуваше нови мерки за излез од економската криза. 

„Неслучајно во првите денови од работењето на новата Влада сме на средби со нашите македонски комори затоа што фокусот е на економијата и правниот систем.

Државата е стабилна и постои да им помага на граѓаните, на стопанството и во дијалог со стопанските комори и синдикатите и сите учесници во општествениот живот ќе бидеме со намера за им служиме, да бидеме најдобар сервис и за време на коронакризата, за која најавуваат дека ќе продолжи следните 6 до 8 месеци.

Во такви околности, државата почна со процес на дискусија, дебата и консултации за креирање за следни пакети мерки за поддршка на стопанството, економијата и граѓаните.

Владата е стабилна, коалицијата што е формирана е силна, изградена на основа на вредности и испраќа порака на предвидливост, што е значајна за планирање и проекција на економските процеси и инвестиции. Најавуваме период од четири години каде што нема да има вонредни парламентарни избори“, истакна премиерот Заев и најави стабилен период и во даночната политика.

„Данокот на добивка останува на ниво од 10% и продолжуваме со одложување на аконтациите од данокот на добивка. Данокот на личен доход останува исто така на 10%, но остануваме доследни на воведувањето на правичното прогресивното оданочување преку инклузивен процес на разговори и дебата, која треба да биде од полза и на компаниите и на граѓаните. Останува и заедничката заложба за искоренување на сивата економија која е поголема од 30% и нанесува штета врз буџетот и парите на граѓаните и чесните фирми во нашата земја, преку мерки креирани заедно со УЈП, македонски царини и државните инспекции и преку зајакнување на инспекциските служби“, рече премиерот Заев.

Во однос на намалување и укинување на пара-фискалните давачки што се побарувања на стопанските комори, премиерот Заев рече дека таргет на новата Влада е до крајот на мандатот 75% од пара-фискалните давачки да ги отстранува и истовремено да има одредено намалување на даноци, со цел стимулирање на развој на економијата и новите информатички технологии и тоа скалесто до 2021 година од 18% на 5%, до 2022 на 3% и 2023 година на 0%.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.09.2020 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега