ВМРО-ДПМНЕ: МНР се претвори во министерство за ухлебување на блиски на функционери, затоа дипломатијата е на ова дереџе

Бујар Османи, Ковачевски и антимакедонската СДС го партизираа МНР и затоа македонската дипломатија е на ова дереџе. Бујар Османи во стилот ем шуто, ем боде, уште ја лаже јавноста и кажува дека нововработенaта сопруга на пратеникот од СДС Мартин Костовски е неопходен кадар која имала соодветни квалификации, како да се работи за капацитети рамни на чудо, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата прашува кој капацитет и квалификации имаат ваквите кадри.

-Во што се состои неопходноста сопругата на пратеникот Мартин Костовски, веројатно од општинска администрација, да се презема во министерство за надворешни работи? Кој капацитет и квалификации имаат ваквите кадри, за да имаат предност пред илјадници други млади и способни луѓе кои учеле, инвестирале во себе и се надградувале, но сепак ја немаат среќата да се вработат во МНР. Зошто не бил распишан оглас, па на тој оглас да се пријават и други, веројатно далеку поспособни кадри?, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, ова е сериозен сомнеж за злоупотреба и трговија со влијание.

-Министерството за надворешни работи стана министерство за ухлебување блиски на функционери на власта. Додека илјадници млади не може да најдат перспектива во Македонија, додека половина милион луѓе живеат во сиромаштија, дури десетици илјади немаат земено плата на време, власта си прави кадровски рокади и ухлебување на сопруги, сопрузи, тетки, стрини, фризерки и други ним блиски лица. Ова е сериозен сомнеж за злоупотреба и трговија со влијание и за ова мора да има одговорност, велат од партијата.

 

14.09.2022 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега