ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ се што фатија - запустија
-На први септември уште една учебна година започна катастрофално. Две години поминаа и се уште не се испечатени учебници во основното образование, а за средното стручно образование добивме признание од министерот дека немаат пари, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмена реакција испратена до медиумите.
„Фијаско, после кое секој министер во Европа би си поднел оставка. А и тие материјали кои учениците ќе ги користат се со недозволиви грешки.
Ако лани владата на Ковачевски испечати учебници кај што Албанија е наш источен сосед, а Бугарија западен, годинава реките Еуфрат и Тигар ги лоцираат во Африка. Не би не зачудило утре Ковачевски да излезе во обвинување дека ВМРО му е виновно, или можеби дека се работи за хибриден напад и што ли уште не, само и само да не ја признае неспособноста на својата влада и да понесе одговорност.
Хаосот во образованието го надополнува и новата концепција со споени и модуларни предмети во која наставник од хемија предава и физика, во која тројца наставници предаваат три модули во еден предмет.
Оваа концепција која спектакуларно ја најавуваа и ја нарекуваа фински модел, сега признаваат дека е пропадната. И За ова никој не сака да признае дека погрешил, дека направил штета и на наставниците и на децата и на целиот образовен процес“, стои во реакцијата на опозициската партија.
Оттаму обвинија дека во овие 7 години власт на СДС и ДУИ во образованието немало апсолутно никаков успех.
„Епската неспособност и неодговорноста се едни од основните белези на оваа власт на ДУИ и СДС. Се што фатија се исушија, а најмногу од нив настрада токму образованието“, заклучија од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа