Во оваа општина се избрани советниците, но мнозинството се' уште е неизвесно

Општинската изборна комисија (ОИК) Тетово денеска има ги додели уверенијата на избраните советници во Општина Тетово. Советот на Општина Тетово ќе брои 31 советник од кои десет има Демократска унија за интеграција, осум Движење Беса, четири ВМРО ДПМНЕ, три Алијанса за Албанците и по двајца од СДСМ, ДПА и група избирачи.

-Од моментот кога ОИК ги додели уверенијата, Советот на Општина Тетово може да ја свика првата седница. ОИК и службено денеска ќе ги достави тие уверенија до архива на општина Тетово, за да може понатаму тие да ги преземат своите постапки за понатамошно работење на Советот на Општина Тетово, изјави Назми Даути, секретар на ОИК.

Избраните советници се уште немаа информации кога ќе има конститутивна седница и дали веќе има формирано мнозинство.

-Ќе се трудиме тие два советници што го имаме да бидат гласни како 31. Се уште нема некои преговори кои можеме да ги објавиме. Во политика сите опции се отворени, расположени сме за договор за мнозинство, изјави Илија Димитриевски од СДСМ.

Хамди Сулејмани, советник од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“, вели ќе видиме дали ќе бидеме дел од мнозинството или не.

-Се надеваме дека градоначалникот ќе ги прифати нашите заложби, изјави Сулејмани.

Бесарт Дурмиши од Движењето Беса порача дека ќе носат одлуки за добро на граѓаните.

-Очекуваме мнозинство, изјави Дурмиши.

Блерим Османи од ДУИ, пак, рече дека ќе се почитува волјата и гласот на граѓаните.

-Конститутивна седница ќе има во скоро време, изјави Османи.

Градоначалникот Биљал Касами, кој исто така денеска го доби уверението и ја презеде функцијата од Теута Арифи, најави дека веќе има разговори со кои е обезбедено мнозинство во Советот.

-Ние во некои претходни разговори имаме обезбедено мнозинство. Моја заложба ќе биде сите советници во Советот да бидат на страната на реализација на проектите и се надевам дека ќе имам нивно разбирање затоа што сите сме претставници на граѓаните. Јас ќе бидам во служба на граѓаните и се надевам сите советници ќе бидат во служба на граѓаните, изјави Касами.

На доделувањето уверенија поголем дел од советниците не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирусот и во затворена просторија престојуваа без маски.

04.11.2021 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега