Во тек е онлајн средба на Трамп и европските лидери, посветена на Украина и безбедноста

 

Според соопштението на француското претседателство, започна онлајн самитот на кој учествуваат претседателот на САД Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидери од Европската Унија.

За време на состанокот се очекува дискусија за војната во Украина и европската безбедност.

На денешната попладневна средба учествуваат британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, финскиот претседател Александер Стуб, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Разговорот со претседателот на САД Доналд Трамп се одржува преку видеоповик, пред неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска, на која Европа не е поканета.

Целта на повикот е да се потсети Трамп дека безбедноста на целиот европски континент е во прашање, да се поттикне да ги има предвид интересите на Украина и да не дозволи рускиот претседател Владимир Путин да го придобие на своја страна.

Во интервју во неделата, Мерц изјави дека Европејците „не можат да прифатат територијални прашања меѓу Русија и Америка да се расправаат или дури одлучуваат без инволвираност на Европејците или без Украинците“.

Сепак, сега, кога Трамп и Путин ќе се сретнат илјадници километри далеку од украинските боишта, можно е да се донесат клучни одлуки за Европа – без нејзино учество. И Русија и Украина одамна тврдат дека сакаат крај на војната, но нивните барања се целосно спротивни.

Претседателот на САД Доналд Трамп во понеделникот изјави дека ќе „се обиде да врати дел од украинската тероторија окупирана од Русија“, но предупреди и дека можеби ќе биде потребно „нешто да се замени, да се менува територија“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли секоја можност за „замена“ на територија.

– Нема да ја наградиме Русија за она што го направи, порача Зеленски, повторувајќи дека Украина нема да прифати руска контрола врз областите кои Москва ги зазеде, вклучувајќи го и Крим.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од своите територијални барања, од барањето за неутралност на Украина и одредување на големината на идната украинска армија.

Русија започна целосна инвазија врз Украина делумно поради уверувањето на Путин дека западниот одбранбен сојуз НАТО ја користи соседната земја за да се приближи до руските граници.

Денеска Русија изјави дека нејзиниот став за војната во Украина останува непроменет откако Путин минатата година ги постави своите услови: Украина целосно да ги повлече своите сили од клучните области и да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО.

Путин и американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретнат в петок на Алјаска, што ќе биде прв американско-руски самит од 2021 година, за да разговараат за можностите за завршување на војната. Трамп изјави дека двете страни во конфликтот ќе треба да разменат дел од териториите кои моментално ги контролираат за да се постигне тоа.

Во моментов Русија контролира 19 отсто од Украина, вклучувајќи го целиот Кримски Полуостров, целата Луганска област, повеќе од 70 отсто од Доњецката, Запорошката и Херсонската област, како и помали делови од Харкивската, Сумската, Миколаевската и Днепропетровската област.

По извештаите на некои медиуми дека Вашингтон смета дека Путин е подготвен на компромис околу територијалните барања, новинарите го прашаа портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Алексеј Фадеев дали рускиот став се променил.

– Ставот на Русија останува непроменет, а тој беше изнесен во оваа сала пред нешто повеќе од една година, на 14 јуни 2024 година, рече денеска Фадеев, мислејќи на говорот на Путин во Министерството. Тогаш шефот на Кремљ ги претстави своите барања, вклучувајќи повлекување на украинските војници од делови на Доњецката, Запорошката и Херсонската област кои сè уште ги држат – што беа негови први јавни коментари за можен мировен договор.

Путин исто така изјави дека Киев ќе мора официјално да ја извести Москва дека се откажува од плановите за приклучување кон НАТО и дека има намера да остане неутрален и несврстан.

Покрај тоа, Путин нагласи дека мора да се гарантираат правата и слободите на рускојазичното население во Украина, како и „реалноста“ дека Крим, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон сега се дел од Русија. Според него, овие услови ќе мора да бидат содржани и во меѓународните договори.

13.08.2025 - 16:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега