(ВО ЖИВО) Ковачевски до пратениците: Предлогот е македонски, Европа има потреба од Македонија
Премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница, неколку пати повтори дека предлогот за измена на Уставот е македонски. Тој како и претходните денови, посочи дека зад Македонија стојат најсилните и најголемите. Истакна и дека Европа има потреба од Македонија.
„Се водевме од единствениот најдобар начин да понудиме, да ги објасниме аргументите ‘за’ и да побараме поддршка за краткото изменување на Уставот. Не изолиравме никого, не одбивме дебата. И во 1991 година и сега, влезот во ЕУ беше, е и ќе биде, најдобар државен политички процес, наш механизам да бидеме држава со сите стандарди. Тоа е со нашето членство во НАТО, што нѐ прави држава со сегашност, држава со јасна иднина“, кажа Ковачевски.
Објасни и кои се интервенциите во Уставот.
„Речиси и да нема дебата и за слични прашања во Собрание, во која секогаш постојат политички структури и поединци кои сејат страв, омраза, го преплавуваат просторот со лаги и црнила. Не заради нив, туку заради граѓаните, ќе се осврнам на конкретниот предлог. Предложените интервенции на Уставот се однесуваат единствено за додавање на делови од народи, при набројувањето на деловите од народи кои живеат во државата“, посочи премиерот.
Според него, не може да се загрози македонскиот народи за него е тоа единствената вистина.
„Секој разумен човек знае и гледа дека предлогот нема да се одрази негативно на било кои атритбути. Уставните измени не загрозуваат идентитетско, македонско прашање. Тоа е целосно јасно на сите во државата и затоа денеска, кога ќе ги погледнете улиците на Скопје и сите улици на државата, ќе бидите дека се е мирно и граѓаните очекуваат одлука за европската иднина“, додаде тој.
Заради нас самите мора да бидеме европска држава, а патот не е ниту лесен ниту краток, посочи Ковачевски.
„ЕУ е наш најголем поддржувач, кредитор. Има најмногу инвестирано во Македонија. Европските компании се најсилните генератори на странски инвестиции. Членството во ЕУ овозможи раст на платите“, кажа тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа