Заев откри што побарал Радев: Кратко и долго име, немешање во внатрешни работи
Конкретните решенија кои ги бара претседателот Радев, а кои верувам дека ќе ги сработиме до крајот на годината, се патоказот, кратко и долго име, немешање во внатрешните работи и секако преговарачката рамка на ЕУ со Бугарија, одговори премиерот Заев на новинарско прашање поврзано со барањата од претседателот Радев за деблокада на преговорите, на денешната прес-конференција.
– Конкретно ќе биде потребна дипломатска нота на којашто ќе се опишува дека краткото име е исто со долгото име, односно Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија и дека нема територијални претензии. Дека нема да се мешаме во внатрешните работи, вклучително и за малцинските права, затоа што станува збор за граѓани на Бугарија и тие го имаат своето право како луѓе и поединци. Секако и сите секторски соработки помеѓу институциите од сите области – објасни Заев.
Тој истакна дека Македонија е подготвена да и понуди на Бугарија да биде втората земја која ќе го чува македонското небо, затоа што Грција е првиот партнер во оваа област.
– Трета важна работа е да реагираме во спречување на говорот на омраза, пред сè самите институции да водат грижа низ сите свои активности да градат пријателство и да не провоцираат одредено непријателство и да се делува со апели и разговори кога се работи до приватни субјекти. За бројните споменици кои ги има во двете земји, не смее фашизмот да има етничка димензија – вели премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа