Андоновски: Ова е Влада со мек стомак и затоа се потребни предвремени парламентарни избори

Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО–ДПМНЕ на вечерашната емисија 24 Анализа што се емитува на телевизија 24 рече ставот на партијата е јасен и оти нема да се поддржат уставни промени.

„Нашиот став е јасен и на сите пратеници, нема зошто да трампаме пратеници за да има предвремени избори. Ова не е Бит пазар да ги трампаме пратениците за да има избори. Потребно е заедништво, ама вие велевте дека имате доволно гласови за промена на Устав, па слушавме дека недостигаат пет или шест пратеници. Ако се сигурни за поддршката за промена на Уставот нека поднесат иницијатива за гласање во Собранието, па да видиме каде сме. Трампање со пратеници нема да има, а избори ќе има“, рече Андоновски на дебата со Дарко Каевски, пратеник од СДСМ.

Андоновски истакна и дека партијата останува на ставот дека оставки ќе има ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа за промена на Уставот.

Говорејќи за уставните промени, Андоновски истакна дека треба да се дефинира и што со барањата на Албанците. Барањата што ги имаат партиите на Албанците во Македонија удираат во еден од фундаментите на Охридскиот договор, вели Андоновски и додава дека Албанците треба прво тоа да си го одговорат дали го поддржуваат се уште овој договор.

„Македонија се соочува со повеќе кризи, енергетска, економска, здравствена и сега тоа треба да ни биде приоритет, сето ова ги засега сите граѓани. Токму затоа сега треба да се справиме со овие проблеми“, рече Андоновски.

Според Андоновски власта пред да вети било што требало да ја праша ВМРО-ДПМНЕ за договорот конкретно со Бугарија.

„Гаранциите кои би дошле од Ковачевски немаат вредност, а гаранциите кои треба да се од меѓународниот фактор се дека асимилаторски барања и билатерални процески нема да бидар дел од преговорите со ЕУ. Ако има такви гаранции тогаш би било поинаку. Во ВМРО-ДПМНЕ никој нема ништо против Бугарија, но да преговараме за тоа кои се Гоце Делчев, дали сме вештачка творба како нација тоа не е во ред“, рече Андоновски.

Тој укажа дека Македонија има сериозни проблеми дома и власта не си ја завршува работата дома, ако не можат да го сторат тоа, тогаш треба да дојде нова и да ја заврши работата.

„Македонија во Извешnasiтајот на ЕУ нема ниту една позитивна оценка, нема напредок ниту во една област“, посочи Андоновски.

Андоновски се осврна и на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград што се случи викендов.

„Ние проект Македонија-Бугарија не сме виделе. Откако СДСМ рече дека ни се затворени со соседите почнаа да се отвораат теми за отворање на клубови со имиња на контроваерзни личности. Ова е влада со мек стомак и затоа се потребни предвремени парламентарни избори“, заклучи Андоновски.

Според него сега кога се е прифатено од Бугарија беспредметна е дискусија на лидерска средба.

 

„Кога сте прифатиле се од Бугарија и сега да се дискутира и да барате начин како да се протне се низ Собрание, а за опозицијата велите дека шири лажни вести, не може да очекувате коректен став. Сега во овој моментов според мене ако дискусијата е само за уставни не треба да има средба, ако е за тоа како да се справиме со енергетската криза, дали безбедносните служби работат како што треба бидејќи има дојави за бомби и се апсат млади невини луѓе, или како да се надминат овие прашања средба е во ред“, рече Андоновски.

03.11.2022 - 22:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега